Средба Заев Пломп: Фер избори и демократска Влада се неопходни на Македонија!

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, денеска се сретна со амбасадорот на Кралството Холандија во Р.Македонија, Ваутер Пломп.

Тема на состанокот беше неопходноста од регуларен предизборен и изборен процес, како и Програмата на СДСМ којашто содржи мерки за надминување на економско – социјалните проблеми во Македонија.

Европската унија бара да види добар и фер натпревар на изборите во декември е пораката што ја пренесе холандскиот дипломат. Само со демократски развој Македонија може да ја заслужи поддршката од ЕУ, е јасната порака.

Претседателот Заев соопшти дека сите активности на СДСМ се насочени кон организирање и спроведување фер и регуларни избори.

„Одиме чекор понатаму бидејки сме уверени дека на таквите избори СДСМ ќе ја добие довербата од граѓаните да ја води државата. Во таа насока партијата се отвори за соработка со сите поединци интелектуалци, граѓански организации, политички партии. Паралелно на теренот активно веќе подолг период се реализираат интензивни средби со граѓаните на коишто се зборува за конкретните мерки со коишто ќе им се обезбеди економска и социјална стабилност на граѓаните и семејствата. СДСМ планира по престојниот партиски Конгрес да се обврзе и на точни рокови за реализација на препораките на Прибе, за да се одблокираат и евроинтеграциите и земјата конечно да тргне напред“, соопшти претседателот Заев.

На средбата е изразена поддршка на напорите на СДСМ за во процесот на обновување на довербата на граѓаните во институциите и демократизација на општеството.

zaev-plomp1