Обраќање на претседателот Иванов по повод прогласувањето на Никола Маџиров за Национален уметник на Македонија

Обраќање на претседателот Иванов по повод прогласувањето на  Никола Маџиров за Национален уметник на Република Македонија

„Пред речиси една деценија во пресрет на 46. издание на Струшките вечери на поезијата, беше поставено прашањето: „чуму поети во скудно време”. И токму на 46-те Струшки вечери на поезијата меѓу другите поетски величини, кои со своите стихови му даваа смисла на животот и го оправдуваа своето постоење, се најде и тогаш сè уште недоволно афирмираниот млад македонски поет Никола Маџиров, како добитник на најзначајната поетска награда во Република Mакедoнија, наградата „Браќa Миладиновци”.

Од тогаш Маџиров е постојано присутен на македoнското, но и на европското и светското поетско небо. Она што е навистина фасцинантно зa Маџиров е што остана доследен на поезијата и на литературата, и на животот со неа и за неа. Успеа да остане поет кога многумина се откажаа од поезијата.

Јазикот навистина е нашата единствена комплетна татковина. Toa несомнено најдобро го знаат поетите. Благодарение на препевите на педесетина светски јазици, поезијата на Маџиров има многубројни татковини и во сите нив со пиетет се зборува за неговата прва татковина – Македонија.

Дами и господа,

Денес по шести пат ќе прогласиме Национален уметник на Република Македонија. За ова признание уште од востановувањето се поставува прашањето: Зар ние имаме толку уметници, зар ни е пoтребно таква признание? Македонија до сега има шест, но ќe има уште многу национални уметници. Ќе има затoа што имаме луѓе обдарени со кративност и духовност да создаваат и да ја прославуваат Македонија. Сме имале и ќе имаме уметници со кои ќе се гордееме во светот. Од нас зависи дали ќе ги почитуваме уметниците што ги имаме, акo не повеќе, тогаш барем онолку колку што ги почитуваат во светот.

Драги пријатели,

Да не дозволиме надвиснатите предизвици да ни ја заматат перцепцијата. А, за тоа е потребно многу малку. „Капка врз очилата, и поинаку го гледаш светот”, како што вели во еден стих поетот Маџиров.

На крајот дозволете од сè срце, уште еднаш, да му ја честитам наградата на Никола Маџиров и да му посакам пред сè здравје, среќа и уште многу книги и безброј стихови препеани на сите светски јазици.