Селекторот на А репрезентацијата на Македонија, Игор Ангеловски го објави списокот на фудбалери на кои ќе смета за натпреварите против Израел и Италија од квалификацискиот циклус за пласман на СП 2018 во Русија. За дуелите кои ќе се одиграат на 6 и 9 октомври на Националната арена „Филип Втори“ во Скопје, селекторот Игор Ангеловски ги повика следните фудбалери:
По објавувањето на списокот со повикани фудбалери за натпреварите со Израел и Италија, селекторот даде свое видување за очекувањата од натпреварите. Предводникот на нашата најдобра селекција на прес-конференцијата истакна дека силно верува на играчите кои добија доверба и очекува максимален ангажман за време на подготовките и натпреварите.
„Повиканите фудбалери се речиси истите од воведниот квалификациски натпревар против Албанија. На голманската позиција повикан е Мартин Богатинов, голман со големо интернационално искуство и сигурно дека ќе придонесе за тимот. Ги повикавме Душко Трајчевски и Адис Јаховиќ за да имаме фудбалери од сите профили и да ја зголемиме конкуренцијата.“ – истакна Ангеловски.
Македонија ќе ги бара првите бодови во квалификациите за СП 2018 во Русија. Селекторот Ангеловски вели дека фокусот е на натпреварот со Израел.
„Со секој освоен бод сум задоволен. Дај боже да освоиме три бода на двата меча. Италија е апсолутен фаворит, Израел е квалитетен тим и опасен. Добри страни им се брзината, противнападот и затоа мора да бидеме максимално внимателни, да не дозволиме да развијат своја игра. Имаат играчи кои се во клубови кои играат во групната фаза од Лига на Европа, сето тоа е показател за нивниот квалитет“, – вели Ангеловски.
Собирот на репрезентацијата е закажан за 3 октомври во Скопје. Натпреварот со Израел се игра на 6 октомври од 20:45 часот, а со Италија е на 9 октомври, исто така од 20:45 часот, на Националната арена „Филип Втори“.