Општина: Граѓаните на Охрид ќе се соочуваат со големи проблеми и долгови кои СДСМ им ги остави

Во врска со денешната прес-конференција на советниците на ОО на СДСМ охрид, рекација испрати општина Охрид, во која стои:

„Стана вообичаена пракса, а веројатно и премина во начин на политичко дејствување неколку дена после седница на Совет, СДСМ – Охрид да излезе во јавност со прес конференција на тема за која можело да се дискутира на самата седница на Советот на општина Охрид. Секогаш тоа го прават за тема за која не успеале да се соочат со фактите и аргументите понудени од другата страна или пак направиле некоја политичка грешка и на овој начин се трудат истата да ја исправат.

Замислете на последната седница на Советот на општина Охрид кога на дневен ред дојде точката за донесување на одлука за плаќање на долгот за електрична енергија кој ОУ „Григор Прличев“ го има кон ЕВН Македонија, советниците од опозицијата ја напуштија седницата. Колку е непринципиелно декларативно да се залагате за решение на некаков проблем, а да не гласате за одлуката која е единствен правен пат за исплата на долгот за електрична енергија кој пак од друга страна е главен предуслов за нормално одржување на наставно-образовниот процес. Па оттука отворено ги прашуваме од СДСМ Охрид: Кого бојкотираа со ваквото однесување: Локалната самоуправа или децата кои учат во ОУ „Григор Прличев“? Сакаа ли да не се изгласа ваквата одлука за да дојде до прекин на електричната енергија, а со тоа и прекин на наставата? Беше ли ова нивно сценарио за прибирање на евтини политички поени?

Многу лицемерно е да покажувате политичка грижа непосредно пред избори за исклучиво манипулативни цели, а од друга страна цели осум години да ги преспивате проблемите на училиштето па дури и да ги создавате со намера. Вашите лаги повеќе не можат да го пробијат Охрид.

Вашето време е само темна историја на охридското живеење која охриѓани покажаа и докажаа дека треба да служи само како поука за иднината.

Често пати во локалната самоуправа дискутираме дека треба некогаш да се поканат најдобрите правници и економисти во светот кои би можеле врз основа на водењето на градот од страна на СДСМ да ги напишат најдобрите светски учебници за тоа како не треба да се раководи со една општина.

Истата политичка партија која на граѓаните на Охрид им остави енормен долг од нешто повеќе од 50 милиони евра притоа често пати креирајќи и губејќи судски процеси, денес се загрижиле за проблем кој претставува една илјадинка од вкупниот долг кој ни го оставија. Треба на граѓаните да им одговорат зошто дозволиле за време на нивното владеење со Охрид судскиот спор да биде насочен кон ОУ „Григор Прличев“ и зошто правно не се бореле да ја оспорат оваа одлука кога за тоа било време и имало правни можности да се тоа спречи? Ќе ги прашаме и следново: Како Вие сте се грижеле за доброто на училиштето кога издадовте простор на училиштето за подигнување на балон за спортови со површина од неколку илјади метри квадратни за кирија од „фантастични„ 1000 евра годишно? Ова е толку многу голема кирија што навистина училиштето не знае како да ги потроши таквите приходи.

За жал уште долги години граѓаните на Охрид ќе се соочуваат со големите проблеми и долгови кои СДСМ им ги остави за време на своето владеење во Охрид.

Нашата грижа за нормално одвивање на образовниот процес во општина Охрид продолжува и понатаму храбро, соочувајќи се со сите проблеми кои стојат на тој пат.“- стои во реакцијата.