СДСМ Дебрца: Каде се осумте мини винарии во Мешеишта ?

ОО на СДСМ Дебрца денес испрати соопштение до медиумите, во кое се вели:

Во изборната програма на ВМРО ДПМНЕ за парламентарните избори во 2008 година, позната како “Преродба во 100 чекори-надоградена и проширена “, во рамките на проектот “100 мини винарии” беше ветена изградба на осум мини винарии во Мешеишта. За таа цел, претходната локална власт донесе и Урбанистички план за местноста “Лабинци”, каде што требаше да бидат изградени винариите.

Ако ја погледнете веста објавена на ден 20.12.2012 година на официјалната веб страница на Владата на РМ, http://vlada.mk/node/5391, ќе ја прочитате изјавата на тогашниот заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Зоран Коњановски во која кажува дека во село Мешеишта, од почетокот на 2013 година ќе се градат првите четири мини винарии, кои освен што ќе значеле дополнителна туристичка атракција за Охрид, ќе овозможеле и нови вработувања, бидејќи во секоја од мини винариите се планирало да бидат вработени по 25 лица.
И покрај толку многу ветувања, винариите ги нема, а Лабинци остана празно.

И токму затоа, доблесно ќе беше во свечениот говор на отворањето на манифестацијата “Ноќ на виното”, градоначалникот Трајкоски да објасни зошто не се изградени ветените мини винарии, зошто не е изграден откупно-дистрибутивниот пункт за земјоделски производи во село Мешеишта или како тоа го промовира виното од Мешеишта, а на местото од лозовиот насад на поранешната ЗЗ “Славеј” планира изградба на индустриска зона!?

Наместо одговор, на земјоделците им се приредуваат манифестации, организирани по исти терк, од кои бенефит имаат само неколкуте естрадни уметници, скапо платени со општински, односно народни пари.

За жал, истата констатација важи и за манифестацијата “Ноќ на виното”, организирана од партиското здружение “Редеш”, од село Мешеишта. Имено, се работи за здружение, основано пред неполн месец, во кое како основачи фигурираат член на ОК ВМРО ДПМНЕ-Дебрца, претседателот на Унија на млади сили ВМРО ДПМНЕ-Дебрца , претседателот на МК ВМРО ДПМНЕ-Мешеишта и партиски членови, кои во изминативе години сите редум добија вработувања во државни или општински органи и институции.

Сведоци бевме дека и оваа манифестација наместо решавање на горливите проблеми на земјоделците, односно лозарите им понуди само “општонародна веселба”, во стилот на римската традиција- “дајте му на народот леб и игри и тој ќе биде задоволен” .
Наспроти тоа, земјоделците и земјоделството актуелната власт ги доведе во катастрофална состојба и затоа земјоделскиот сектор во Македонија пропаѓа. Проблемите кои ги мачат земјоделците од ден на ден се поголеми. Состојбата при откупот на земјоделски производи е многу тешка и не само сега, во овој период од годината, туку последователно неколку години наназад.

Со ниските откупни цени коишто ги диктираат откупувачите кои имаат доминантна улога при откупот на земјоделските производи се злоупотребува маката на земјоделецот, при што често пати земјоделските производи се откупуваат и по цена пониска од производната, со што земјоделецот е дури и во загуба.

Затоа, новата Влада на РМ, предводена од СДСМ, наместо кампањски ќе понуди системски решенија за проблемите на земјоделците, преку реални и правилни земјоделски политики.“– стои во соопштението.