Ставени во функција семафорите кај ОУ „Христо Узунов“

По извршена контрола што СВР Охрид, на шести овој месец ја изврши со надлежните служби од општина Охрид, ставени се во функција светлосните сообраќајни знаци-семафори на раскрсницата на улиците „Питу Гули“ и „Марко Нестороски“ во Охрид.

На овој потег во близина на основното училиште „Христо Узунов“, семафорите ќе работаат во следниве интервали: 15 секунди црвено светло за возачите од сите страни на раскрсницата, а за тоа време зелено светло дозволено за минување на пешаците на сите страни, трепкаво жолто светло за сите возачи во траење од 65 секунди, а за истото време од 65 секунди црвено светло за пешаците за движење на сите страни на раскрсницата. Во тој временски период, за возачите ќе важат класичните сообраќајни знаци и примена на правилата за првенство на минување.

Во врска со новиот функционален режим на работа на семафорите на раскрсницата меѓу улиците „Питу Гули“ и „Марко Нестороски“, остварен е контакт со директорот на основното училиште „Христо Узунов“, Тони Симоновски, со цел запознавање на учениците од училиштето за новиот систем на работа на семафорите како и за почитување на правилата и прописите за безбедно поминување преку сообраќајната раскрсница.

Со цел подигнување на безбедноста во сообраќајот и почитување на сообраќајните правила и прописи, СВР Охрид на овој потег ќе има присуство на полициски службеници од полициската станица за безбедност во патниот сообраќај Охрид.