Отворено 16 издание на „Недела на италијанскиот јазик во светот“

Во организација на Амбасадата на Италија во Македонија, денеска во ЕУ-Инфоцентарот е отворено 16. издание на „Недела на италијанскиот јазик во светот“. Станува збор за најголемата културна манифестација за промоција на италијанскиот јазик и култура, која се одржува традиционално во октомври насекаде во светот каде што Италија е претставена преку своите амбасади, конзулати и институти за култура.

„Италијанскиот јазик и креативноста: брендови и традиции, мода и дизајн“ е темата на годинашнава манифестација.

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска истакна дека оваа манифестација веќе 16 години јасно ги демонстрира меѓусебната доверба и искреното пријателство кои се негуваат меѓу Македонија и Италија. Таа потсети дека во Македонија се реализирани многу изложби, концерти, театарски претстави и други културни настани на кои се претставија голем број италијански уметници, ансамбли и институции.

„Културата, несомнено, беше ефикасен медијатор во нашето меѓусебно запознавање и почитување на разликите меѓу нас кои, пак, од друга страна, придонесуваат за богатството на заедничкиот европски и светски културен мозаик“. – рече Канческа-Милевска и потсети на потпишувањето на четвртата Програма за соработка во областа на културата, образованието и науката меѓу Република Македонија и Република Италија за периодот 2016-2019 година.

Италијанскиот амбасадор во Македонија Карло Ромео потенцира дека ширењето на италијанскиот јазик е дел од надворешната политика на Италија бидејќи, како што рече, јазикот е патот преку кој минува нашата култура, нашите вредности, нашето гледање на светот.

Тој потсети дека Италија е позната во светот како колепка на уметноста, во сите нејзини форми, а и по своите природни убавини и додаде дека се повеќе модата и дизајнот се симбол на италијанскиот дух во светот и означува производи кои, како што рече, заедно го одбележуваат, го претставуваат она што ние сакаме да го кажувaме „Made in Italy“.

Проф. д-р Александра Саржоска, шеф на Катедрата за италијански јазик и литература при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ од Скопје нагласи дека целта на оваа манифестација е да го слави во светот промовирањето на италијанскиот јазик како важен јазик на класичната и современата култура.

Во рамките на манифестацијата, мултимедијалниот уметник и дизајнер Дијана Томиќ-Радевска имаше презентација за италијанската мода, стил и елеганција во светот.

Македонската јавност, благодарение на Италијанскиот институт „Данте Алигиери“ од Скопје, годинава ќе има можност да се запознае и со младата писателка Рафаела Ромањоло, финалистка за 2016 година на најголемата италијанска награда „Стрега“ за романот „Погрешна ќерка“. Македонија ќе биде домаќин и на четвртото издание на Филмскиот фестивал за млади „Џифони -Македонија“, кој ќе биде проследен со филмски проекции на новиот италијански филм.