Претставување на македонската литература на саемот во Франкфурт

Над 500 книги на повеќе од сто македонски автори, монографии и публикации на повеќе издавачи и на повеќе институции се изложени на штандот на Република Македонија на Саемот на книга во Франкфурт, кој се одржува од 19-ти до 23 октомври.

Комесари на годинашнотото престатвување на најголемиот книжевен саем во Европа се издавачките куќи „Арс Ламина“, „Култура“ и „Три“ од Асоцијацијата на македонски издавачи со поддршка на Министерството за култура.

Учесници на организираното претставување на Република Македонија во Франкфурт се академик Влада Урошевиќ и писателите Гоце Смилевски и Ненад Јолдевски – двајцата добитници на наградата за литература на Европската унија за млади автори.

Претставувањето е под мотото „Созвучја“, според наслов од песна на Шарл Бодлер. Претставници на македонските издавачки куќи денеска и утре ќе имаат средби со нивни партнери-издавачи од странство. За утре е предвиден Македонски ден на литературата за деца и ќе биде промовирана едицијата „Бајки од Македонија“, приказни кои се преточени во модерни сликовници, адаптирани на модерен јазик и прилагодени на децата од предучилишна возраст.

На македонскиот штанд на 22 октомври (сабота) во 13 часот е централниот настан, на кој тројцата македонски писатели Урошевиќ, Смилевски и Јолдевски, ќе учествуваат на трибина „Промоцијата на македонската литература и пробивот на македонските автори и издавачки куќи на меѓународната книжевна сцена“. На трибината ќе учествуваат и Нина Димитрова-Шмигер и Роланд Шмигер, автори кои речиси две децении се посветија на создавањето на обемниот Германско-македонски речник.

Комесарите подготвија и каталог на англиски јазик насловен „Современа македонска литература“ во кој се прикажани поетското, прозното и драмското творештво на повеќе македонски автори. Покрај резимеата на некои од најзначајните современи македонски раскажувачи, во каталогот се содржани и информации за Конкурсот за странски издавачи кој го спроведува Министерството за култура.

„Пред посетителите на саемот ќе бидат изложени и капиталните едиции „130 тома македонска книжевност“ преведена на англиски јазик како и „Антологискиот приказ на едицијата на македонска книжевност“ на германски јазик, во издание на НУБ „Св. Климент Охридски““, рече на прес-конференција во неделата министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.

Академик Урошевиќ, кој првпат учествува на саемот во Франкфурт, истакна дека тој е извонредно многу значаен за пласирањето на книгите на една национална литература.

„Учеството на овие саеми на книгата се несомнено најветувачкиот пат за пробивањето на нашата литература во светот… Ако сакаме навистина да излеземе во светот со нашата литература, мораме да најдеме странски издавачи кои се заинтересирани за нас. Тоа е комплициран проблем, не е лесен за решавање, но единствен пат кој води кон успехот е учеството на овие саеми на книгата,“ рече Урошевиќ.

Саемот на книгата во Франкфурт, кој има 67-годишна традиција, е центар на издавачката индустрија од целиот свет, каде што секоја година учествуваат повеќе од 7000 издавачи.