Прегазена жена кај Горенци, возачот избегал

Едно лице го загуби животот во тешката сообраќајна незгода што синоќа во 18 часот и 45 минути се случи на магистралниот пат Охрид-Кичево кај селото Горенци, општина Дебрца. Од здобиените повреди, на лице место почина Ќание А.(74) од Охрид. Нејзината смрт е констатирана од лекар од Брза помош.

Сообраќајната незгода се случила кога возило марка „БМВ“ со тетовски регистарски ознаки кое се движело по магистралниот пат во правец од Кичево према Охрид, директно удрило во сега починатата која се движела на коловозот во спротивниот правец.

На местото на сообраќајната незгода, извршен е увид во присуство на јавен обвинител, овластен судски вештак и полициски екипи од полициската станица за безбедност во патниот сообраќај Охрид. Увидот започна во 19 часот и 15 минути а заврши во 22 часот при што од страна на полициски службеник се вршеше наизменично регулирање на сообраќајот.

По наредба на јавниот обвинител, врз телото на починатата денеска ќе биде извршена обдукција.

Полициската станица за безбедност во патниот сообраќај Охрид, презема интензивни мерки за пронаоѓање на патничкото моторно возило „БМВ“ кое по случената сообраќајна незгода го напуштило местото на настанот.