Лица од гостиварско Дебреше краделе во Охрид и Струга

Поради постоење основи на сомнение за сторени тринаесет казнени дела од кои пет казнени дела „тешка кражба“ и осум „тешка кражба во обид“, полициската станица од Струга поднесе кривична пријава против Џ.И. (22) и А.М.(20), двајцата од гостиварското село Дебреше.

Пријавените, казнените дела ги извршиле во текот на овој месец во деловни објекти лоцирани во деловниот комплекс „Фати трејд“, на кеј „8 ноември“ во Струга. Тука стигнале откако претходно во Охрид извршиле кражба на моторцикл.

Во извршувањето на казнените дела, пријавените користеле подесен алат со кој ги кршеле бравите од влезните врати на бутици, деловни канцеларии, кафетерии, осигурителни агенции, печатници лоцирани во комплексот. Потоа насилно влегувале во внатрешноста на објектите, пребарувале и одземале пари, облека и други вредни предмети. Во една од канцелариите, пријавените целосно го уништиле системот за видео надзор на деловниот комплекс, а алатот го фрлиле во водите на реката Црн Дрим. Потоа, со моторциклот избегале од Струга, но се приведени од полициските службеници во Кичево.

Пријавените, се лица добро познати на службата против кои и досега по слични основи биле поднесувани кривични пријави. Во периодот од 2009 до 2016 година, пријавениот Џ.И. на подрачјето на СВР Охрид кривично е пријавен за сторени вкупно 104 кривични дела: 38 на подрачјето на полициската станица Охрид, 30 на подрачјето на Струга и 36 на подрачјето на Кичево.