Кривична пријава за две лица од Охрид поради невистинито лекарско уверение

Поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „издавање и употреба на невистинито лекарско или ветеринарно уверение“, СВР Охрид поднесе кривична пријава против В.К.(55) и Б.С.(62),од Охрид.

На шести јули оваа година, пријавената В.К. како специјалист во ПЗУ Специјалистичка ординација по психијатрија „Медика про менте“ во Охрид, издала невистинито лекарско уверение со лекарски извештај на име на пациентот-сега пријавениот Б.С. вработен како раководител на градежна оператива во ЈП „Градски гробишта“ Охрид. Во извештајот, пријавената В.К. свесно внесла невистинити податоци за констатирана болест (несоници, висок степен на напнатост, нерасположение.и.т.н.) по што препорачала неопходно издавање на боледување. Тоа го направила и покрај тоа што знаела дека конкретниот ден, пациентот не се јавил на лекарски преглед бидејки бил отсутен од државата односно заминал на летување во странство. Дополнително, сега пријавената В.К. внела невистинити податоци и во амбулантниот дневник каде лажно прикажала дека Б.С. како пациент на специјалистичката ординација „Медика про менте“, на шести јули се јавил на лекарски преглед. Врз основа на невистинитиот лекарски извештај, сега пријавениот Б.С. добил предлог за лекарска комисија од матичен лекар со позитивно мислење и оценка на Првостепената комисија при ФЗОМ. Врз таа основа, вака изготвеното невистинито лекарско уверение, пријавениот Б.С. го употребил кај матичниот лекар и кај комисијата на ФЗОМ за добивање на боледување во период од шести јули до четврти август оваа година.

Од увидот во електронска евиденција, констатирано е дека пријавениот Б.С. на шести јули годинава, со патна исправа, преку граничниот премин „Меџитлија“ остварил излез од Република Македонија кон Република Грција, а на 22 јули, на истиот граничен премин, регистриран е негов влез во Република Македонија. Вака, недвосмислено се потврдува дека, сега пријавениот Б.С не можел, на шести јули да оствари лекарски преглед кај пријавената В.К.