Конференција за млади лидери „Предизвици и можности за младите денес“

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, утре – 3 декември 2016 година, сабота, ќе се обрати на Конференцијата за млади лидери „Предизвици и можности за младите денес“, што ќе се одржи во хотелот „Изгрев“ во Струга.

Предвидено е на отворањето на конференцијата да се обрати и амбасадорот на Соединетите Американски Држави во Република Македонија, Н.Е. г. Џес Бејли.

Учесници на Конференцијата за млади лидери „Предизвици и можности за младите денес“, се претставници на седумте генерации на Школата за млади лидери, што по иницијатива на претседателот Иванов, се одржува од 2010 година.

Идејата на претседателот Иванов за одржување на Школата е да им се овозможи на младите, талентирани и иновативни луѓе од Македонија и наши иселеници да ги надградуваат и усовршуваат своите вештини, да ја развиваат својата креативност и способности, преку предавања и обуки од сферите на лидерството и менаџментот.

Во изминатите седум години на Школата за млади лидери, учествуваа 280 млади луѓе и 167 предавачи од земјава и од странство. Учесниците на досегашните школи се организирани во Алумни асоцијација – ИСЛАА, којашто низ семинари, панел дискусии, предавања и учества во младински настани, овозможува продолжување на развојот на нивните знаења и вештини.

Конференцијата за млади лидери „Предизвици и можности за младите денес“ е поддржана и од Фондацијата Алијанса на Цивилизациите.