Во просториите на ОО на СДСМ Охрид, денес се одржа прес-конференција, на која говореше д-р Рубин Земон, кандидат за пратеник на СДСМ и Коалицијата и председател на Алијансата за позитивна Македонија. Како што рече тој програмата „За живот во Македонија“ на Социјалдемократскиот Сојуз и Коалицијата се базира на пет столба: Одговорна власт и контрола на власта, Праведен даночен и социјален систем, Развој на домашните капацитети и пристојна работа, Европска иднина и квалитетен живот и Изградба на едно обединето општество.
Оваа прес- конференција беше посветена на петтиот столб- Градиме едно обединето опшетство.
„Познатиот француски научник и филозоф Блез Паскал, рекол: „Различностите без еднинство водат во анархија, а единство без различности во тиранија“. За жал, се соочуваме со реалноста дека во Македонија се губи чувството дека живееме во едно општество на различности. Сé помалку мислиме и се трудиме да градиме политики на единството на различностите. Се повеќе живееме во затворени етно-кругови и поделено општество. Говорот на омраза кон различните станува секојдневие низ социјалните мрежи, но и криминалот поттикнат од омраза е неретка појава. Нашето политичко уредување се претвори во коруптивна ЕТНО-КРАТИЈА. Се објавуваат конкурси за вработувања во администрација, за кои „јавна тајна“ е кој конкурс е за Македонците, кој за Албанците, а кој за помалубројните заедници! Тие граѓани кои припаѓаат на заедниците што не се споменуваат во Преамбулата на Уставот се дискриминирани и искучени од учеството во јавниот живот. А, да апсурдот да биде уште поголем, за реално да се спроведе принципот на соодветна и правична застапеност, не можеме ни да се преброиме, бидејќи пописот на населението пред 5 години од неразјаснати причини пропадна. Од друга страна релеватни научни институции укажуваат дека повеќе од третина од населението во последните 10 години е иселено во странство.“ истакна Земон.
Тој наведе дека нивните цели при градењето на едно општество се:
-Враќање на слободата и демократските вредности во општеството, со што ќе престанат поделбите помеѓу различните општествени социјални групи;
– Градење едно обединето општество, со што ќе се обезбедат внатрешната стабилност на земјата и добрите односи помеѓу заедниците;
-Вреднување на луѓето не според етничката или каква било друга припадност, туку според капацитетот што можат да го вложат во развојот;
-Слобода во изјаснувањето на секој личен идентитет, наместо насилие, наметнување волја и уцени за остварување на правата загарантирани со Уставот.
„Нашиот план се состои во градење на граѓанска држава на сите што живеат во Македонија: Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци, Египќани, Црногорци, Хрвати, Бугари, Словенци, Пољаци, Ерменци, Руси,Украинци, Евреи и сите други помали заедници. Ќе градиме мултикултурн0 општество во насока на поголема интеркултурна комуникација и градење дух на почитување и разбирање на културниот плурализам. Ќе поддржиме јазична политика во согласност со потребите и интересите на поединците и на општеството. Ќе работиме врз намалувањето на социјалните и економските разлики помеѓу заедниците преку проекти со интеграциски цели и преку инвестирање во непристрасна држава. Наша главна заедничка цел е да изградиме толерантно општество. Толерантноста е можеби најважниот услов за демократски односи меѓуразличните социјални и општествени групи. Кога не постои толерантност, расте конфликтноста во целото општество.Толеранцијата е темелна претпоставка на цивилното општество. Толеранцијата не се состои на тоа нешто да се трпи, бидејќи се трпи она што се мора. Основата на толеранцијата е во самосовладувањето и грижата за Другиот.Толерантното однесување спрема „другиот“ и „различниот“ значи и ДИЈАЛОГ со „оние што се покрај нас“. Дијалогот упатува на размена на култури, на меѓусебно примање и давање, што е многу повисоко ниво на толеранција.“ – истакна Земон.
Како што кажа Земон, тие ќе поддржат програми кои што, заедно со мерките во ообразованието, социјалната политика и понатамошниот културен развој, треба да ги ослободат младите од етничките стеги и од меѓусебните предрасуди и да им овозможат комуникација во која, пред сè, заемно ќе се почитуваат.
„Првото место каде што треба да се градат вредностите на едно заедничко општество се детските градинки. Затоа, ќе воведеме елементи на мулти културно запознавање за сите деца уште во најраната возраст, преку проекти и активности што развиваат чувство на слобода, толеранција и соживот. Ќе бидат искористени практиките од успешните проекти за овој степен на образование. Ќе бидат стимулирани проекти за мултикултурно дружење и меѓу јазична комуникација и во повисоките степени на образованието. Ќе воведеме редовна пракса на суштинска и симболична политичка поддршка на градењето на едно, обединето општество. Високи владини претставници, во мешан етнички состав, заедно ќе бидат присутни во мешаните етнички средини и ќе посетуваат етнички мешани училишта каде што, јавно и активно, ќе зборуваат за важноста на изградбата и на негувањето на толерантно и мултиетнички обединето општество во Македонија.“ – рече Земон.
Програмата „За Живот во Македонија“ предвидува да се зајакнат капацитетите на Комисиите за односи меѓу заедниците при локалните самоуправи, како место каде треба да суштински се развива институционалниот дијалог на различностите.
„Силно ќе го стимулираме организирањето на редовни дебатни емисии на програмите на националниот радиодифузен сервис, МРТВ. Ќе поттикнеме и други програмски содржиниво кои ќе бидат вклучени претставници на сите заедници кои што живеат во државата. На овој начин уште повеќе ќе го поддржиме јавниот дијалог за сите горливи теми и проблеми кои ги притискаат луѓето“. – додаде Земон.
WebOhrid