Со цел зголемување и унапредување на безбедноста на сообраќајот на патиштата во Охрид, во пресрет на Новогодишните и Божиќните празници, од Општинскиот Совет за безбедност во сообраќајот на патиштата Охрид упатуваат апел до сите учесници во сообраќајот за внимателно, дисциплинирано, совесно и одговорно учество во сообраќајот со максимално почитување на сообраќајните правила и прописи.
„Во услови кога во Охрид веќе бележиме зголемената фреквенција на сообраќај, посебно во централното градско подрачје, потребно е дисциплинирано управување на патничките и други моторни возила, почитување на пропишаната брзина на движење, користење на безбедносните појаси, да не се користи мобилниот телефон, а посебно да не се седнува зад воланот под дејство на алкохол или наркотични средства. Неопходно е придржување кон поставената хоризонтална и вертикална сигнализација и внимателност за личната но и за безбедноста на останатите учесници.“– велат од таму.
Апелираат дека возачите на моторни возила, посебно младите возачи, да ја контролираат брзината на движење, да ги почитуваат пешаците на сообраќајниците и пешачките премини, и секогаш да им овозможуваат првенство на минување како ранлива категорија учесници. Пешаците, обврзно да ги користат обележаните пешачки премини за безбедно преминување на коловозите на сообраќајниците и кружните крстосници.
„На овој начин, сакаме да придонесеме за унапредување на сообраќајната превенција, да ги намалуваме ризиците во сообраќајот и можностите за сообраќајни незгоди, да ја подигнеме сообраќајната култура и јавната свест кај сите категории учесници во сообраќајот од потребата за почитување на сообраќајните правила и прописи. Ви посакуваме среќни и безбедни Новогодишни и Божиќни празници.“– додаваат оттаму.