Претседателот Иванов со сочувство до претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод нападот во Истанбул, упати изрази на сочувство до претседателот на Република Турција, г. Реџеп Таип Ердоган.

„Почитуван господине Претседателе,

Со голем шок и длабока потресеност ја примив веста за трагедијата во Ортакој, Истанбул, во која загинаа 39 лица. Без оглед на тоа каде живееме, ваквата трагична загуба на невини млади животи е уште еден потсетник дека мора да останеме заедно и силни во име на човечноста и да направиме сè за добросостојбата на нашите деца.

Во овие мигови на длабока тага, дозволете ми во име на граѓаните на Република Македонија, да изразам искрено сочувство. Нашите мисли и молитви се со семејствата кои ги изгубија нивните сакани.

Сакам да знаете дека силно го осудуваме ова насилство кое се случи во Истанбул. Искрено се надевам дека додека Република Турција поминува низ овие тешки моменти, целата меѓународна заедница ќе работи заедно во борбата против злото и во насока на интензивирање на постоечката соработка против тероризмот.

Ве молам господине Претседателе, изразите на длабоко сочуство да ги пренесете до семејствата на трагично настраданите.“