ОО на СДСМ Дебрца денес испрати соопштение до медиумите, во кое стои:
„Сведоци сме дека во изминативе 4 години откако градоначалник е Игор Трајкоски општина Дебрца се претвори во најзатворена и заробена институција, во која граѓаните имаа отежнат пристап до општинските услуги и истите ги добиваа на неквалитетен и неекономичен начин.
Така, беа воведени административни и физички бариери за да се дојде до градоначалникот и општинската администрација, граѓаните не можеа или тешко остваруваа прием кај градоначалникот, за добивање на најобична потврда беа приморани да доаѓаат повеќе пати и да се надеваат дека ќе го најдат градоначалникот, или ако поднесуваа поднесок во архивата истиот не им се примаше ако претходно не го види и одобри градоначалникот.
Освен добивањето на одобрение за градење, ниту една друга општинска услуга не може да се добие електронски, на општинскиот веб портал не е објавено кои услуги ги обезбедува општината, ниту има објавено обрасци за општинските услуги.
Кон сето ова треба да се додаде и тоа дека од сите можни агли во општинската зграда вработените и странките се под темелен видео-надзор, кој градоначалникот на општината будно го следи од неговиот телефон, исто како да сте во американскиот Пентагон.
Врв на паранојата е тоа кога не се присутни општинските функционери вратите од кабинетот на градоначалникот, канцеларијата на секретарот на општината и салата за седниците на советот на општината, односно повеќе од половината од службените простории во општината се заклучени и не се во служба на граѓаните.
За среќа, времето на узурпирање и киднапирање на општината незапирливо истекува. Со доаѓањето на пролетта, по локалните избори ќе има живот и во Дебрца. Видео надзорот ќе го отстраниме, клучевите ќе ги исфрлиме и сите општински врати ширум ќе ги отвориме за граѓаните.
Ќе изградиме општински институции блиски и по мерка на граѓанинот, каде општинските услуги ќе може да се добијат брзо, квалитетно и евтино.
Општина Дебрца ќе ја направиме Дом на сите граѓани. “- стои во соопштението.