Агенцијата за млади и спорт организираше прес конференција по повод претстојниот, 54 ти по ред Мавровски меморијал.
„Ми претставува особена чест и задоволство што оваа година на патеките на преубавото Маврово ќе се одржи традиционалниот 54-ти Мавровски меморијал, остварувајќи ги желбите и соништата на генерациите од далечната 1957 година, кои го организираа првиот меморијал – натпревар во нордиско скијање.
Натпреварот се одржува во чест на загинатите 38 градители на електросистемот Мавровска хидроцентрала и 14 храбри граничари кои загинаа од снежната лавина во 1956 година. Токму со оддржувањето на Мавровскиот Меморијал ние ја продолжуваме традицијата на големи светски настани оддржани во Република Македонија. Влогот на многумина низ изминативе 54 години во организирањето на овој настан придонесе Мавровскиот Меморијал да прерасне во настан кој го промовира Маврово и Република Македонија, оставајќи траен белег во спортот. Благодарение на посветеноста и заложбата на организаторите, а секако со поддршка од Агенцијата за млади и спорт и на останатите вклучени страни во организацискиот дел, Мавровскиот Меморијал се издигна на ниво на домашен бренд од светски размери, кој низ годините успеа да го приближи нордиското скијање до најмладата популација.
Мавровскиот меморијал е најстариот нордијски куп на Балканот и се вбројува во еден од најстарите нордиски купови во Европа и светот. Јас верувам дека ќе се покажеме како добри домаќини и организатори на овој настан, кој како ФИС натпревар е еден од најдобро организираните меѓународни настани на Балканот. Токму затоа, Агенцијата за млади и спорт, секоја година финансиски и логистички ја поддржува организацијата на овој меѓународен традиционален спортски натпревар. За таа цел, за оваа година, Агенцијата за млади и спорт од својот буџет издвои 500.000 денари. Ја користам приликата да ги поканам сите љубители на зимските спортови и сите вљубеници во нордиското скијање од 13-15 февруари, да дојдат во Маврово и да ги поддржат нашите скијачи, но и да уживаат во се она што ќе го понудат натпреварувачите“, – изјави директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески.
На пресот свое излагање имаше претседателот на Организацискиот одбор Кочо Кираца, како и селекторот на Македонската репрезенатација во нордиско трчање Ѓоко Диневски.
За 54-от Мавровоски меморијал се очекува учество на повеќе европски држави: Србија, Грција, Бугарија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Црна Гора, Турција, и двајца претставници од Доминиканската Република кои изразија желба за учество на Мавровскиот Куп. Се очекува потврда од Словенија и Романија, со што квалитетот би се искачил на највисоко ниво.
Стартот е закажан за Понеделник, а Вторник и Среда се трките во женска (5км) и машка (10 км) конкуренција. Новина за оваа година е трката за деца, генерација 2002/2003 и 2004/2005, кои се планирани за 16-ти и 17-ти Февруари.
Македонската репрезенатција ќе настапи во следниов состав: Ставре Јада, Миланчо Крстевски, Дарко Дамјановски, Тони Станоески, Марио Куртески и Ненад Митевски, а кај жените ќе настапат: Викторија Тодоровска, Марија Коларовска, Викторија Јовановска, Росана Кировска, Ана Цветановска и Василка Дамјановска.