Кривична пријава за лице од Велгошти кој повреди малолетник на депонијата Буково

Поради постоење основи на сомнение за сторени казнени дела „предизвикување општа опасност” и ,,тешки дела против општата сигурност” СВР Охрид поднесе кривична пријава против С.Ѓ. (40) од охридското село Велгошти. На втори овој месец околу 13,00 часот, на депонија „Буково“,С.Ѓ. вработен во Јавното претпријатие „Охридски комуналец“, како чувар на депонијата, при сечење на буково дрво со дијаметар од 17 сантиметри и должина од 14,5 метри, повредил малолетно лице родено 2005 година од Битола.
Малолетникот заедно со неговиот татко, престојувал во шатор на депонијата „Буково“ каде С.Ѓ. вршел сеча на дрва. Притоа, дрвото кое тој во моментот го сечел со моторна пила, паднало врз шаторот и го удрило малолетното лице во пределот на главата, од што тој се здобил со фрактура на главата.

Откако ја забележал повредата кај малолетникот, пријавениот С.Ѓ. веднаш го пренел до своето возило и заедно со неговиот родител, го префрлиле во Општата болница во Ресен од каде, со медицинско возило итно бил транспортиран во болницата во Битола. Оттука, поради предизвиканите тешки телесни повреди, малолетникот е префрлен во Клиничкиот центар во Скопје.