Поради постоење основи на сомнение за сторени четири казнени дела „тешка кражба“, полициската станица од Кичево поднесе кривична пријава против З.К. (41) од Кичево.
Пријавениот, казнените дела ги сторил кон крајот на минатата и почетокот на оваа година во куќи и деловни простории во Кичево. Тој, употребувајќи подесен алат и прибор како и физичка сила, насилно влегувал низ прозорците и вратите во куќи низ Кичево, вршел пребарување низ собите и одземал часовници, туш батерии, чешми, греалки, куфер, електрична пегла, делови од народни носии и други предмети. Во декември минатата година, пријавениот З.К. ги скршил катанците од вратите на двете монтажни гаражи кои се наоѓаат во кругот на детска градинка лоцирана на улицата „11 септември“ во Кичево, одзел клучеви од службено возило, потоа го скршил стаклото од влезната врата на котларата, влегол внатре и одзел една чешма.
Во јануари оваа година, сега пријавениот извршил тешка кражба кога со подесен алат го скршил прозорот од балконската врата на приземјето од семејна куќа, влегол внатре и одзел еден куфер, електрична пегла, четири стари чешми и женски плетен колан од народна носија.