СДСМ: Завршната сметка на општина Дебрца го покажа расипничкото трошење на општинските пари

ОО на СДСМ Дебрца испрати соопштение до медиумите во кое стои:

„На последната седница на советот на општина Дебрца, одржана на ден 15.03.2017 година советот на општината, со гласовите на советниците на ДПМНЕ и независниот советник ја усвоија Завршната сметка на Буџетот на општината Дебрца за 2016 година.

Завршната сметка уште еднаш го покажа она што е константа во раководењето на општината во изминативе години, а тоа е крајно расипничкото и нетранспарентно трошење на општинските пари. Во оваа прилика тоа ќе го илустрираме со неколку буџетски расходи.

За прехранбени продукти и пијалоци општината потрошила 214.778,00 денари. Тоа е сосема очекувано ако се погледне јавната набавка на алкохолни и други пијалоци, број 7/2016, каде ќе се забележи дека општината набавила околу 1.500 литри разни сокови, од кои 300 литри се стопостотен овошен сок од портокал, исклучиво само за кабинетот на градоначалникот.

За репрезентација општината потрошила 321.687 денари или просечно се трошени по 1.200 денари дневно за гоштевања. Или вкупно за овие две буџетски ставки потрошени се 536.465 денари или околу 8.700 евра.

За патни и дневни трошоци потрошени се 270.070 денари, од кои 80 % завршија во џебовите на градоначалникот и неговиот личен возач.

За списанија и весници потрошени се 160.370 денари, исклучиво за финансирање на дневните весници „Дневник“, „Вест“ и другите провладини изданија на МПМ.

За службените телефони потрошени се 503.149 денари, за правни услуги потрошени се 197.320 денари, а општината нема добиено ниту еден судски спор.

За гориво за службените возила потрошени се 420.114, што е разбирливо ако се има во предвид крајно нерационалното користење на службените возила, често пати и по завршувањето на работното време за превоз на градоначалникот и одредени општински службеници до дома и за партиски потреби.

Само за овие илустрирани непродуктивни расходи потрошени се 2.087.488 денари или околу 34.000 евра.

По смената на актуелната локална власт, која ќе се случи по локалните избори ќе се стави крај на оваа практика на расипничко трошење на општинските пари. Ќе обезбедиме добро управување со општинските надлежности и одговорно и домаќинско управување со општинските ресурси.

За таа цел, драстично ќе ги намалиме сите непродуктивни трошења како што се трошоците за репрезентација, дневници за службени патувања, за службени телефони, за весници. Максималниот износ на сите овие трошоци ќе го ограничиме со посебни правилници.

Радикално ќе ја зголемиме отчетноста и транспарентноста, особено во делот на трошењето на парите на граѓаните. Граѓаните во секој момент ќе знаат за што, колку и каде се трошат нивните пари кои се собрани преку даноци и такси.“ – стои во соопштението од ОО на СДСМ Дебрца.