Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и Министерството за внатрешни работи согласно своите надлежности и согласно приоритетите, целите и мерките од Втората национална стратегија 2015-2020, денес и утре во Охрид ја организираат првата од серијата дводневна работилница за надлежните лица од МВР на која преку размена на искуство, знаење и информации ќе се анализираат состојбите со безбедноста на патниот сообраќај на локално ниво, начините на работа и ќе се дефинира пристап, методи и мерки како актуелната состојба може да се подобри односно да се намали бројот на загинати и повредени лица.
Црната статистика, за 2016 година, покажува дека на територијата на Република Македонија 165 лица го загубиле животот во сообраќајни незгоди, а 843 се тешкo повредeни. Статистичките податоци исто така покажуваат дека на подрачјето на СВР Охрид во 2016 година се случени 287 сообраќајни незгоди со потешки последици од кои 21 сообраќајна незгода со загинато лице и 266 сообраќајни незгоди со повредени лица, при што 25 лица го загубиле животот во сообраќајни незгоди а 59 лица се тешко повредени.
На првата работилница присуствуваат надлежните лица од СВР Охрид и истакнати професори и експерти од областа на безбедноста на патниот сообраќај кои ги познаваат начините и методите на работа на сообраќајната полиција и на Министерството за внатрешни работи.
„Целта на оваа работилница е заеднички со припадниците на Министерството за внатрешни работи преку стратешкиот и научниот пристап да се анализираат состојбите во патниот сообраќај и заеднички да се утврди што е тоа што може да се подобри, како да се направи тоа и како поефикасно и поефективно МВР да ги употребува информациите и ресурсите со кои располага и кои може да ги обезбеди и на тој начин всушност да се зајакнат националните, регионалните и локалните капацитети за креирање и спроведување на мерки за поголема безбедност на патниот сообраќај во Република Македонија“, истакна Стојче Стаменковски – Претседател на РСБСП на отворањето на работилницата.
Проектот се реализира во соработка помеѓу РСБСП и МВР, а во насока на зајакнување на капацитетите на локалните полициски одделение со цел подигнување на безбедноста и намалување на бројката на жртви во сообраќајни незгоди како дел од мултисекторскиот пристап во безбедноста на сообраќајот на патиштата.
Работилници од ваков вид до крајот на оваа година ќе се реализираат заедно со МВР во сите осум сектори за внатрешни работи во Министерството за внатрешни работи. Истите претставуваат чекор напред во градењето партнерски односи помеѓу овие две значајни институции.