Македонската репрезентација до 21 година ја совлада и Бугарија

Македонската репрезентација до 21 година ја победи Бугарија со 1:0 во пријателски натпревар одигран на тренинг центарот „Петар Милошевски“ во Скопје. Избраниците на Благоја Милевски заслужено се радуваа на нов триумф откако целосно доминираа на денешната пресметка. Фудбалерите кои ќе не претставуваат на ЕП во Полска создадоа многу шанси, искористивме една, промашивме и пенал, а притоа не му дозволивме на противникот ниту еднаш сериозно да се закани кон нашиот гол. Марјан Радески во 43. минута беше стрелец на голот за Македонија.

Првата прилика за отворање на резултатот нашата репрезентација го имаше во шестата минута кога Виктор Ангелов се обиде да го загрози голот на Бугарија, но неговиот удар го одбрани гостинскиот голман Крастев. Само две минути подоцна Марјан Радески пропушти одлична шанса за Македонија. Капитенот Бабунски одлично го пронајде Радески, но напаѓачот на Шкендија шутираше над голот во сто процентна шанса. Во 11. минута неуспешен обид имаше и Бабунски, а одново Радески во 16. минута не успеа да го совлада голманот на Бугарија. Пред крајот на полувремето, во 41. минута непрецизно шутираше и Бабунски, а доминацијата на нашата репрезентација конечно беше крунисана со водство од 1:0 во 43. минута кога Марјан Радески го совлада бугарскиот голман. Ѓорѓев прекрасно асистираше до Радески, а нашиот напаѓач овој пат не погреши и погоди за водство на Македонија. Бугарија во првото полувреме не успеа да упати удар кон голот на Алексовски.

По еден час игра Мурати се обиде да ја удвои предноста, но не беше прецизен. Во последните петнаесетина минути Бугарија прв пат се обиде да го загрози голот на Шишковски, противникот имаше две полушанси преку Ѓоргиев и Петров, но не успеа да ги искористи. Во 86. минута пенал за Македонија не успеа да реализира Петар Петковски, голманот на Бугарија успеа да го одбрани ударот на нашиот напаѓач. Јован Попзлатанов беше најзаслужен за изборената шанса да реализираме најстрога казна, убаво се проби по десната страна и по нафрлената топка со рака во својот шеснаесетник играше Керчев. Во минутите од продолжението успеавме да ја зачуваме предноста и да запишеме нова победа.

МАКЕДОНИЈА – БУГАРИЈА
Пријателски натпревар / Тренинг центар „Петар Милошевски“

Стрелци: 1:0 – Марјан Радески (43`);

МАКЕДОНИЈА до 21 година: 1. Игор АЛЕКСОВСКИ (Шишковски 45`), 5. Ѓоко ЗАЈКОВ, 8. Бобан НИКОЛОВ (Костадинов 45`), 9. Марјан РАДЕСКИ (Пивковски 60`), 10. Давид БАБУНСКИ (Попзлатанов 72`), 11. Даниел АВРАМОВСКИ (Кулески 45`), 14. Дарко ВЕЛКОВСКИ (Муслиу 60`), 18. Виктор АНГЕЛОВ (Елмас 72`), 19. Бесир ДЕМИРИ, 21. Мевљан МУРАТИ, 23. Никола ЃОРЃЕВ (Петковски 60`); Селектор: Благоја МИЛЕВСКИ.

12. Дамјан Шишковски, 2. Јован Попзлатанов, 3. Никола Кулески, 4. Висар Муслиу, 6. Алекса Амановиќ, 15. Елиф Елмас, 16. Петар Петковски, 17. Филип Пивковски, 20. Тихомир Костадинов;

Бугарија до 21 година: 12. Николај Крастев, 2. Стојчо Атанасов (Атанасов 70`), 4. Мики Орачев, 5. Венцислав Керчев, 6. Кристијан Димитров (Петров 72`), 7. Ѓорги Јомов (Костадинов 45`), 8. Јанис Карабелов (Георгиев 72`), 9. Илија Димитров (Милев 45`), 10. Серкан Јусеин, 17. Александар Ѓоргиев, 20. Антонио Вутов (Неделчев 60`); Селектор: Антони Здраков;

1.Христијан Василев, 3. Преслав Петров, 11. Наско Милев, 14. Стефан Неделчев, 18. Олег Димитров, 19. Антонио Георгиев, 21. Мартин Костадинов;

За репрезентацијата до 21 година ова веројатно беше последен тест натпревар пред Европското првенство кое се игра во Полска. Македонија на големиот европски собир е во група со Србија, Португалија и Шпанија.