Подигнато спомен-обележје во Ливоишта во чест на Благојче Крстаноски

Денес во селото Ливоишта беше откриена спомен плоча (спомен чешма) посветена на Благојче Крстаноски, професионален војник на АРМ, кој го загуби животот на 8 април 1999 година на караулата Блаце. Спомен обележјето со сесрдна помош на Општина Охрид го постави Организацијата на резервни офицери на Република Македонија.

На денешната церемонија во името на Општина Охрид се обрати градоначалникот Никола Бакрачески:

„Денешниот ден е исполнет со емоции кои ја отсликуваат тагата по прерано загинатиот Благојче Крстаноски, но и емоции исполнети со гордост што Благојче го имавме меѓу нас, кој на олтарот на слободата го положи највредното, својот живот. Денешниот ден е посветен на нашиот херој, кој со својот однос кон родната земја, покажа како се сака и се брани родината. Дозволете ми да ја упатам искрената благодарност кон Организацијата на резервните офицери на Република Македонија, кои вложија максимални напори за подигнување на ова спомен обележје, за никогаш да не згасне сеќавањето за нивниот другар и наш сограѓанин. Почитувани, херојската смрт на Благојче Крстаноски верувам дека ќе остане запишана во колективната меморија на македонскиот народ, како вечен аманет за зачувување на територијалниот интегритет и суверенитет на Република Македонија.“ – истакна Бакрачески.

Во името на Организацијата на резервни офицери на Република Македонија за херојот Благојче Крстаноски, зборуваа претседателот на организацијата Ѓорѓи Малковски и Цветко Кузески од општинската организација на резервни офицери. Пред спомен обележјето повеќе организации, претставници на политички партии и граѓани поставија свежо цвеќе. Најмногу емоции на денешното чествување предизвика рециталот на седумгодишниот Михаил Крстаноски, посветен на својот стрико.