Македонскиот јунак, борец со големо срце, нашата надеж за следните олимписки игри, најдобриот таеквондо борец Дејан Георгиевски го освои историскиот медал на едно Европско првенство. Местото на случување е Софија, Република Бугарија, Европско првенство за јуниори и помлади сениори.
Македонија настапи со осум натпреварувачи, од кои седум испаднаа уште во првото коло. Остана надежта во нашиот најдобар борец, кој со само 17 години им пркосеше на постарите и далеку поискусни борци. И се ќе беше поинаку, ако уште во првата борба Дејан не осетеше болка во стапалото, за која подоцна се откри дека е ни помалку, ни повеќе туку фрактура на коска на стапалото. Желбата за победа не го спречи да триумфира и во наредната борба, а решавачката борба за финале ја изгуби за само еден поен.
„Моите очекувања беа злато од европското во Софија, но повредата ме спречи во тоа. Останува желбата за побрзо санирање на истата и враќање на терените уште на престижниот Г-1 турнир на почетокот на Јуни годинава, и секако настап од кој најмногу очекувам е Светското Првенство во Кореа, во втората половина на Јуни“, – истакна Георгиевски.
„Огромна благодарност до Агенцијата за млади и спорт и директорот Марјан Спасеки за огромната поддршка која се дава на Таеквондо федерацијата на Македонија. Ние ќе се обидеме да го оправдаме секое вложување првенствено со остварување на добри резултати на континенталните собири и секако да успееме да избориме настап на Олимписките игри во Токио, за што верувам дека имаме вистински шанси. Во моментов имаме потенцијал, има желба“, – изјави Селекторот на македонскиот тим Дарко Костовски.
„Агенцијата за млади и спорт во континуитет ја поддржува таеквондо федерацијата на Македонија на која само по првата распределба од средствата од игри на среќа доби 1 800 000 денари за меѓународни натпревари, соработка, стручно усовршување и унапредување и 50 000 денари за проектот „Таеквондо за сите“. Честитки за Дејан за неговиот спортски дух и одличниот бронзен медал остварен во нетипични услови, но и до целокупниот Македонски тим на чело со селекторот Костовски“, – истакна Спасески.