СДСМ: Владеењето на Трајкоски со Дебрца заврши, доаѓа живот за сите

ОО на СДСМ Дебрца испрати соопштение до медиумите во кое стои:

„Деновиве, поточно на 17.04.2017 година се навршија четири години откако Игор Трајкоски ја презеде градоначалничката функција во општина Дебрца, со што формално правно неговиот мандат е завршен.

Ако треба да дадеме оценка за неговото четиригодишно владеење тогаш слободно може да се констатира дека тоа во ништо не се разликува од десетгодишното владеење на неговата партија, ВМРО ДПМНЕ, на централно ниво.

Затворена и заробена општина во која граѓаните имаа отежнат пристап до општинските услуги, крајно расипничко и нетранспарентно трошење на општинските пари, неодговорно и недомаќинско управување со општинските ресурси, партиски вработувања во општинската администрација, јавното претпријатие и основното училиште, мобинг и прогон на политичките неистомисленици во општинската администрација, коруптивно однесување кое може да се види преку доделување на општински средства на блиски роднини или по партиска подобност, доделување на јавни набавки на исти фирми и по повисоки цени од пазарните, исклучување на граѓаните од процесот на креирање на локалните политики и донесувањето на одлуките, дерогирање на улогата на месните заедници како облик на месна самоуправа, давање предност на неприоритетни проекти или изградба на инфраструктура која не генерира приходи, селективен инфраструктурен развој, со насочување на поголемиот дел од инвестициите во две-три населби, кредитно задолжување на општината, неисполнето ниту едно од дадените ветувања за локален економски развој, развојот на земјоделието и руралниот туризам, (ги нема ветените: индустриска зона, мини винарии, откупно дистрибутивен центар, рестартот на рудникот Стогово) што резултираше со уште поголемо осиромашување на населението, ниско ниво на комуналните услуги, енормнозагадувањенаживотнатасредина и нерешенпроблемсодивитедепонии, партиска диструбуција на општинската социјална помош, маргинално место на младите во општинските политики, што има за последица заминување на младите од Дебрца- се само некои од одликите кои го карактеризиираат четиригодишното практикување на локалната власт на градоначалникот Трајкоски.

За среќа, дојде крајот на Трајкоски и неговите празни ветувања. По смената на локалната власт која ќе се случи на локалните избори, ќе изградиме општина со добро и одговорно управување со општинските надлежности и ресурси, блиску и по мерка на граѓаните, со отчетно и транспарентно работење, општинска власт секогаш под лупа на граѓаните, со општинска администрација во служба на граѓаните, со функционални месни заедници, општина со одржлив економски развој, доволно атрактивна за привлекување на нови инвестиции, со изградена локална инфраструктура, подобрена социјална средина, привлечно место за живеење и создавање.

Општина, во која ќе има живот за сите. Зошто секој е важен. И секој ќе биде важен.“ – стои во соопштението од ОО на СДСМ Дебрца.