Македонската А репрезентација одигра без голови, 0:0 против Турција на контролниот натпревар на Националната арена во Скопје. Трет меч во низа Македонија е без примен гол и без пораз по победите над Лихтенштајн и Белорусија.
Избраниците на Игор Ангеловски го надиграа силниот противник, но немаа среќа да ѝ се радуваат на победата. Дадовме два гола, но ни беа поништени поради офсајд. Најдобрата прилика за триумф ја имаше Иван Тричковски во 88 минута, но голманот Бабакан ја спасуваше од пораз екипата на Фатих Терим.
Даниел Мојсов во 19 минута по центаршут на Алиоски постигна погодок, но неоправдано беше поништен од бугарската судиска тројка поради наводен офсајд.
Алиоски во 54 минута вторпат ја затресе мрежата на Турција, но повторно судиите го поништија погодокот, поради пасивен офсајд на Пандев.
Македонија преку Пандев, Стјепановиќ и Трајковски од слободен удар имаше шанси за гол, но немаа среќа да се радуваат на водство.
Турција во 90 минути немаа директен удар во голот на Димитриевски.
Нашата селекција на 11. јуни игра против Шпанија во натпревар од 6. коло во квалификациите за СП во Русија.