ОО на СДСМ Дебрца испрати соопштение до медиумите во кое стои:
„Градоначалникот на општина Дебрца, Игор Трајкоски за време на неговиот мандат на повеќе пати знаеше да се испофали дека во општината се градат канализациони системи и дека благодарение на Владата на РМ, предводена од ВМРО-ДПМНЕ и неговиот труд општина Дебрца добила нов лик. Многу е лесно во функција на популистичка кампања сам да се фалиш, но сосема друго е каква е реалноста.
За четирите години општината предводена од Трајкоски не само што не успеа да ги пушти во употреба канализационите системи кои започна да ги гради, туку и претходно изградените не се во функција.
Имено, во селото Белчишта, административниот центар на општината, канализационата мрежа и пречистителната станица се изградени во 2005 година. Подолго време пречистителната станица не е функционална, а фекалните води од преполнетата канализационата шахта, на стотина метри пред пречистителната станица, директно се испумпуваат во водотекот, кој поминува низ селото и се влева во Матицата Сини Вирој, а оттаму преку реката Сатеска во Охридското Езеро. Последно вакво испумпување е извршено пред неколку дена, алармираат граѓаните на Белчишта, кои истото го регистрирале со свои фото записи.
Зошто отпадните води не се третираат преку пречистителната станица и зошто истата не е во функција? Дали се свесни дека ваквото недозволиво постапување претставува еколошка бомба во срцето на Дебрца кое предизвикува штетни последици по здравјето и имотот на локалните жители и деградација на пошироката животна и природна средина? Како е можно од една страна да го промовирате Белчишкото блато и Еко музеј со убавините на блатото, а од друга страна фекалните води да ги испуштате во блатото!?
Ова се само некои од прашањата на кои одговор бараме од Градоначалникот на општината, кој ако заборавил, да го потсетиме дека на градоначалничката функција дојде од должноста државен инспектор за животна средина.
Апелираме до Градоначалникот на општината, веднаш, без одлагање да ги задолжи одговорните во јавното комунално претпријатие да ја санираат состојбата и фекалната канализација со пречистителната станица во село Белчишта ги стават во функција.
По локалните избори на есен и неминовната смена на актуелната локална власт подигањето на еколошката одговорност на сите нивоа ќе биде еден од најважните приоритети на новата локална власт, предводена од Социјал демократскиот сојуз на Македонија.“ – стои во соопштението од ОО на СДСМ Дебрца.