У21 ЕУРО 2017: Македонија одигра 2:2 против Србија

Македонската репрезентација до 21 година одигра 2:2 на дуелот против Србија од второто коло од Б групата на Европското првенство во Полска.

Енис Барди во 63. минута го постигна првиот гол за Македонија на Европското првенство. Никола Ѓорѓев во 83. минута го постигна вториот погодокот за Македонија. Србија се спаси од пораз во 89. минута.

Во првото полувреме нашата репрезентација единствено преку Енис Барди се обиде да го загрози голот на Милинковиќ – Савиќ. Нашиот фудбалер од средниот ред во осмата и во 43. минута шутираше од далечина, но голманот на Србија беше внимателен, посебно при слободниот удар во последните минути од првиот дел кога спасуваше израмнување.

Србија поведе во 25. минута, погодокот во нашата мрежа го постигна Мијат Гачиновиќ, но судиите од Шкотска не досудија очигледна офсајд ситуација.

Противникот во првото полувреме преку Грујиќ имаше две прилики за погодок, во 11. минута не беше прецизен по удар со глава, а во 34. минута брилијантна интервенција запиша Игор Алексовски.

Во 50. минута повторно Енис Барди одлично изведе слободен удар, но одново спасуваше голманот Милинковиќ – Савиќ.

Во 63. минута Елиф Елмас, кој влезе во игра во второто полувреме одлично одигра, центрираше, а Живковиќ се обиде да спречи, играше со рака и беше досуден пенал. Барди беше сигурен реализатор и стана стралец на првиот погодок на Македонија на ЕП.

Македонија се разигра, напаѓаше, а доминацијата ја круниса Ѓорѓев во 83. минута со прекрасен гол. Од далечина упати силен удар кон голот на Милинковиќ – Савиќ и погоди за голема радост кај македонските навивачи.

Но, на крајот сепак балканското дерби заврши без победник, откако во 90. минута Урош Ѓурѓевиќ погоди со глава по центаршутот на Андрија Живковиќ.

Европско првенство за фудбалери до 21 година, Полска 2017, Група Б, 2. коло

Стадион во Бидгошч

СРБИЈА – МАКЕДОНИЈА 2:2 (1:0)

(1:0 Мијат Гачиновиќ 25`, 1:1 Енис Барди 63`, Никола Ѓорѓев 83`, 2:2 Урош Ѓурѓевиќ 89`)

Србија:
Милинковиќ – Савиќ, Гајиќ (Филиповиќ 46), Антонов (Ожеговиќ 77`), Вељковиќ, МАксимовиќ, Ѓурѓевиќ, Гаќиновиќ, Јовановиќ, Грујиќ (Ристиќ 52`), Живковиќ, Плавшиќ;

Македонија:
Игор Алексовски, Мевљан Мурати, Дарко Велковски, Ѓоко Зајков, Бесир Демири, Бобан Николов, Енис Барди, Давид Бабунски (Елиф Елмас 58`), Кире Маркоски, Марјан Радески, Даниел Аврамовски (Никола Ѓорѓев 45`);

„Мислам дека сите уживаа во натпреварот, впрочем како и на првиот дуел против Шпанија. Сметам дека по едно полувреме и припадна на секоја репрезентација. Како се одвиваа работите на теренот можеме да жалиме, но според се, нерешениот резултат е најреален. Честитки за моите фудбалери кои се вратија од негатива од еден гол по слабото првото полувреме. Тешко е и физички и психолошки да играме во висок ритам во текот на сите 90 минути кога се работи за ваков турнирски систем против најсилните репрезентации, сепак најголем дел од нашите фудбалери играат во домашното првенство, а знаеме каков е ритамот на тие натпревари“, – изјави Благоја Милевски, селектор на репрезентацијата на Македонија.