ПОПГМ: „Аргументите ја осветлуваат вистината“ за криминалите на Драги Аргировски, почестен со прием кај претседателот Иванов

Партијата на обединети пензионери и граѓани на Република Македонија (ПОПГМ) испрати соопштение до медиумите во кое стои:

„Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, како што соопшти неговиот кабинет, вчера примил делегација на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија, предводена од претседателот Драги Аргировски.

Иванов им изразил поддршка за активностите на пензионерите додека, пак, претседателот на Сојузот, Драги Аргировски, му доделил Плакета на Иванов, во знак на благодарност за поддршката во активностите и афирмирањето на статусот на пензионерите како и Монографија подготвена по повод 70 години од основањето на Сојузот како самостојна и автономна организација.

Настрана што претседателот нема никакви надлежности во сферата на трудот и социјалната политика, Иванов требало добро да размисли кого прима, сеедно каков и да бил поводот, освен, ако не сакал, како послушник на Никола Груевски, да му се оддолжи на Аргировски за тргувијата и пазарот со честа на стотици илјади пензионери, ставајќи на политичкиот пазар со предизборните меморандуми со владеачката ВМРО ДПМНЕ!?

Иванов требало да знае дека прима луксузна Монографијата, печатена со парите на пензионерите, која се дистрибуира и продава по локалните здруженија, и од сметките на здруженијата.

По таа шема се печатени 7 книги, повеќето во авторство и за сметка на Аргировски, се до последната со симболичниот наслов: „Аргументите ја осветлуваат вистината“.

Аргументите пак сведочат дека Аргировски, не попстапува и одбива да изврши наплата, по правосилна судска пресуда, односно забрана на побарувања.

Аргировски е под кривичен прогон уште од 2014 година, за сторено кривично дело непостапување по правосилна судска пресуда. Кривичната пријави има и за претседатели на локални здруженија на пензионери, како Охрид, Штип и други места, но се заглавени во лавиринтите на Јавното обвинителство!

Исто така, повратните средства не ги уплаќа на сметката на Здружението во Охрид, туку на новоформиран, паралелен, правен субјект – Клуб на пензионери(!), формиран да се заобиколи блокирањето на сметката на Здружението во Охридска банка.

Паралелно, Аргировски не постапува и по барањето за извршување, поднесено од адвокат-полномошник. За случајот се заинтересирале и од Министерството за правда, односно Народниот правобранител, но, барем засега, засегнатите “лаат”, а “карванот” на Аргировски, си врви без проблем – се до највисоката инстанца во државата – претседателот на Република Македонија.“ – стои во соопштението од Партијата на обединети пензионери и граѓани на Република Македонија.