Земјотресни роеви е појава кога се случуваат серија земјотреси во одредена локална област во релативно краток временски период. Должината на времето што се користи за дефинирање на ројот се разликува, но може да биде денови, недели или месеци. Тие се разликуваат од типичните земјотреси, по кои следува серија афтер-шокови. При истражувањето на земјотресните роеви, станува очигледно дека ниту еден земјотрес од низата не е главен удар, односно секој нареден е со различен интензитет од претходниот.
Директорот на Институтот за земјотресно инженерство, Михаил Гаревски, во изјава за медиумите пред осум месеци, за тогашната серија земјотреси која ја погоди Италија рече дека станува збор за земјотресни роеви, и дека е невозможно да се префрли на македонска територија.
Но, дали невозможното стана возможно? Дали и на Охрид му се случуваат земјотресни роеви?
Во Охрид, тлото се тресе веќе 21 ден. Земјотресите започнаа од 18 јуни и траат до ден денес. Регистрирани се над 1000 земјотреси. Сведоци сме дека најверојатно оваа појава се случува токму и кај нас во Македонија, конкретно во Охридскиот регион. Исто така, деновиве можеме да забележиме нови земјотресни роеви и во Централна Италија, при што се добива впечаток дека можеби не се работи за случајност, туку можеби сепак постои некаква поврзаност.
И покрај тоа што се ретки, земјотресните роеви се случуваат ширум светот, еве неколку примери:
- САД, 2008 година, над 1000 слаби земјотреси, од февруари до ноември;
- Мексикали, Мексико, 2008 година, над 500 земјотреси, траеле две недели во февруари;
- Островот Ел Хиеро, 2011 година, стотици слаби земјотреси поврзани со ерупција на вулканот на тој остров, траеле од јули до октомври;
- Островите Санта Круз и Соломонски острови, 2013 година, голем број силни земјотреси во текот на јануари и февруари;
- Калифорнија/Орегон/Невада, 2014 година, над 800 слаби земјотреси, траеле три месеци;
- Филипини, 2017 година, неколку силни земјотреси со над 800 афтер-шокови;
- Салвадор, 2017 година, 450 слаби земјотреси, луѓето можеле да почувствуваат само 47 од нив, траеле 24 часа.
WebOhrid