Се е подготвено за стартот на првиот Меѓународен Олимписки Пливачки Маратон на 10 км. Охрид 2017 кој во организација на Клубот за спортови на вода „Охридски бранови 2008“ Охрид ќе се одржи утре во водите на Охридското езеро на потегот од Старото пристаниште до х. Милениум.
На вечерашниот технички состанок претставници на организторот и претставниците на ФИНА ги запознаа пливачите, судиите и техничките лица со пропозициите за утрешната трка и ја истакнаа подготвеноста за старт на Олимпискиот Пливачки Маратон.
12 пливачи од 6 земји, 10 во машка и 2 во женска категорија ќе ги брануваат водите во Охридското езеро, со старт во 12 ч. за мажи и 5 минути подоцна за жени. Пливачите вечерва и официјално беа претставени пред охриѓани и гостите на градскиот плоштад во Охрид.
Овој спортски настан воедно претставува и испит за организаторот со можност од идната година Охридда биде домаќин на светски куп во олимписки маратон и место каде би се одржувале квалификации за пливачи за учество на олимпијадата во Токио 2020 година.
Конкуренцијата на пливачи ветува возбудлива и неизвесна трка, затоа се покануваат сите охриѓани и гости да уживаат во прекрасната спортска манифестација.