Дуото „Алиада“ што го сочинуваат двајца „неверојатно талентирани и креативни музичари“, саксофонистот Михал Кнот и хармоникашот Богдан Лакетиќ, вечерва ќе одржи концерт во рамките на фестивалот „Охридско лето“.
Концертот „Нови бои на минатото“ насловен како и нивниот прв албум, ќе донесе дела од Хендл. Григ, Пендерецки, де Фала, Барток и Пиацола, сите аранжирани за саксофон и хармоника од дуото.
Од нивното формирање во 2013 година, дуото веднаш станува впечатливо во светот на класичната музика, што резултира со бројни концерти насекаде низ светот. Во минатата сезона остваруваат повеќе од 80 настапи на пет различни континенти во престижни концертни сали како „Карнеги хол“, „Музикферајн“ во Виена, „Тонхале“ во Цирих, театарот „Ермитаж“ во Санкт Петербург, Театарот дел Лаго во Чиле и многу други. Нивната кариера започнува со победата на натпреварот „Фиделио“ каде едногласно им е доделена наградата „Гран при“. Нивниот прв албум насловен „Нови бои на минатото“ се здобива со одлични критики, а Дуото Алиада е вклучено во програмата „Новиот австриски звук на музиката 2016-17“ финансирана од австриската влада. Настапите на дуото редовно се емитуваат на австриските радио и телевизиски станици.
Концертот на дуото „Алиада“ ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 20 часот и 30 минути.