Работен состанок Бујар Османи – Бертолини

Заменик Претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, одржа состанок со Никола Бертолини, раководител за соработка во Делегацијата на Европската Унија во Скопје (ДЕУ). На средбата се разменуваа мислења и податоци за состојбите околу реализацијата на проектите и апсорпцијата на ИПА средствата. 

Вицепремиерот Османи го информираше Бертолини за напредокот во реализирањето на предизвиците на инфраструктурните и другите проекти. Соговорниците се согласија да посветат особено внимание на итните проекти, и преку редовна размена на податоци да сторат максимални напори за реализација на овие проекти во предвидените рокови. Османи го претстави и останатите предизвици со кои се соочува како ИПА координатор, а кои претставуваат одлучувачки фактори за апсорпционата моќ за искористување на средствата од ИПА.

„Остварив работни средби со министерствата, градоначалниците и други претставници на институции, со цел директно да се информирам за предизвиците и пречките во реализација на проектите финансирани од ИПА“ – истакна Османи.

Вицепремиерот Османи го извести Бертолини, дека, за адресирање на предизвиците, подготвува обемен Мастер план, кој ќе биде поделен според итноста на мерките, а со кој се планира ревизија и унапредување на работата на ИПА структурата, со цел подигнување на искористеноста на средствата од ИПА. За овие реформи, Османи очекува поддршка како од делегацијата на ЕУ во Скопје, така и од институциите задолжени за ИПА во рамките на Европската унија.

На крајот на средбата, Вицепремиерот Османи, и раководителот за Соработка при ДЕУ, Бертолини изразија задоволство од меѓусебната соработка, но, заеднички констатираа дека апсорпцијата на ИПА фондовите во Македонија може значително да се подобри. Соговорниците се договорија заеднички да ги адресираат предизвиците за отстранување на пречките за реализација на проектите, за што договорија и одржување на редовни заеднички состаноци.