СДСМ: Жителите на Лескоец паметат дека требаше да добијат функционална фекална канализација уште во 2016

ОО на СДСМ Охрид испрати соопштение до медиумите во кое стои:

„Неспособната и неодговорна локална власт предводена од Никола Бакрачески и ВМРО-ДПМНЕ во пресрет на локалните избори повторно манипулира со жителите на Лескоец. Соочени со стравот од пораз на локалните избори, Бакрачески и ВМРО-ДПМНЕ прават очајнички обиди да им се додворуваат на гласачите.

Цели четири години Бакрачески ветуваше фекална канализација во Лескоец со што би се решила една од најважните потреби на жителите на ова место, но како и сите други празни ветувања и ова ветување остана неостварено.

Жителите на Лескоец паметат дека требаше да добијат функционална фекална канализација уште во 2016 година, но за ВМРО-ДПМНЕ и Бакрачески многу поважни беа плоштатчињата и пешачките патеки низ градот.

Почитувани,

Жителите на Лескоец не ги забораваат ниту проблемите со канализацијата и водоснабувањето, ниту прашината што ја голтаат кога пеш си одат дома во летните, ниту калта што ја газат во есенските месеци, затоа што оваа локална самоуправа не беше заинтересирана да им ги решава проблемите, туку да им создава нови. Наместо да го асфалтира второто најголемо населено место во Охридско, Бакрачески асфалтираше козји патеки.

Затоа, жителите на Лескоец и Охрид на претстојните локални избори ќе ја казнат неспособноста и самоволието на Бакрачески. Охрид ќе добие нова локална власт предводена од СДСМ која ќе ги решава проблемите на жителите на сите населени места во општината.“ – стои во соопштението од ОО на СДСМ Охрид.