Македонската фудбалска репрезентација го одигра седмиот натпревар во квалификацискиот циклус за пласман на СП 2018 во Русија. На стадионот „Сами Офер“ во Хаифа, нашата репрезентација гостуваше против Израел.
Натпреварот започна без многу возбудувања. И обете страни внимателно, без многу ризикување, се обидуваа да го пронајдат патот до противничкиот шеснаесетник. Во 20-тата минута по изведениот слободен удар од Алиоски, топката стигна до Кире Ристевски кој ја смести во мрежата на Израел, но судиите го поништија тој погодок, поради играње со рака на Ристевски. Израелците имаа сериозна шанса во 27 минута од непосредна близина до нашиот гол, но Столе Димитриевски успеа да го одбрани овој удар. Нашата репрезентација изведе нов слободен удар во 33 минута, повторно преку Алиоски, а Израелците исфрлајќи ја топката среќно ја погодија сопствената статива. До крајот од првото полувреме Македонија имаше шанса и преку Барди кој упати удар со глава, а и преку Алиоски кој се закани со удар од далечина, но резултатот остана 0:0 на полувреме.
Второто полувреме започна динамично, најпрво Израелците се заканија во нашиот шеснаесетник, но и нашата репрезентација преку контра-напади. Продолжи да се игра од шеснаесетник до шеснаесетник, а Македонија имаше своја шанса од корнер во 53 минута, но Пандев не успеа да ја зафати топката најдобро, која излезе во гол-аут. Израел притисна, домашните имаа шанса да постигнат гол во 60 минута, но Столе Димитриевски успеа да ја исфрли топката во корнер. Следуваше измена во нашите редови во 63 минута, на местото од Бобан Николов во игра влезе Елиф Елмас. Следуваа шанси на обете страни, но без завршница. Во 73 минута Елмас со длабочинска топка го проигра Пандев кој беше во противничкиот шеснаесетник и веднаш од свртување ја смести топката во противничката мрежа и ја доведе нашата репрезентација во предност од 0:1. Израелците под притисок продолжија да се закануваат. За пофалба е нашата одбрана, но и голманот Димитриевски кои успеаа да издржат при налетите на противникот, а добра шанса имаше Израел и во 85 минута. Селекторот Игор Ангеловски ја изврши втората замена во нашите редови во 86 минута, на местото од Илија Несторовски во игра влезе Марјан Радески. Третата и последна замена кај нашата репрезентација селекторот Ангеловски ја изврши во 89 минута, кога играта ја напушти Енис Барди, а во игра влезе Ѓоко Зајков. До крајот од натпреварот нашата репрезентација имаше можност и да го зголеми водството, но Алиоски не биеше прецизно по една одбиена топка во судиското надополнување од натпреварот (90+2). Македонија успеа да им одолее на нападите од Израел и на крајот сосема заслужено го доби овој натпревар со резултат 0:1.
Ова е втора победа за Македонија во овие квалификации за Светското првенство 2018 кое ќе се игра во Русија. Македонија со 6 бодови се наоѓа на 5 место пред Лихтенштајн кој е без бодови, а зад Израел кој има 9 бодови. До крајот од овие квалификации Македонија треба да одигра уште три натпревари, против Албанија на 5 септември, против Италија на 6 октомври и против Лихтенштајн на 9 октомври.
WebOhrid