Обидите на ВМРО-ДПМНЕ да наметнува бесмислени и лажни теми во пресрет на Локалните избори не смееме да дозволиме да создаваат страв меѓу граѓаните. Тоа им е единствено што им преостанува, бидејќи самите се преплашени од правдата која што конечно ги стигнува и ќе ги стигне. Креирањето на лажни вести и сеењето на страв помеѓу граѓаните беше нивниот карактеристичен метод на владеење кој имавме можност повеќе од една деценија да го гледаме и за жал да го искусиме на сопствена кожа, истакна на денешната прес-конференција координаторот на советничката група на СДСМ Охрид, Јован Стојаноски.
„ДПМНЕ најпрво ги заплашуваше нашите граѓани со албански платформи, двојазичност и слични небулози. Сега се обидуваат тоа да го направат со некакво населување на бегалци од Блискиот Исток во Р.Македонија. Одат до таму, што тврдат дека Министерството за труд и социјална политика ќе градело станови за бегалци, да не биде смешно, ќе беше трагично. Како и многу пати досега, така и сега, ВМРО-ДПМНЕ ги лаже сопствените граѓани.
Во моментов на територијата на нашата држава ниту поминуваат бегалци, а најодговорно изјавуваме дека ниту некој ќе гради станови за бегалците. Станови ќе има, меѓутоа ќе има за македонските граѓани кои што се социјални случаи, а не за некакви измислени бегалци. Граѓаните се сосема свесни, дека овие смешни приказни доаѓаат од Центарот на манипулација, креиран во ВМРО-ДПМНЕ. Граѓаните знаат и свои очи гледаа како пред околу година дена повеќе од милион бегалци доаѓаа преку Грција и ги ризикуваа своите животи само што побрзо да ја напуштат територијата на Македонија. Нашата држава беше во таа ситуација само транзитна, попатна станица на нивниот пат кон Запад. Апсурдна е во овој случај Предлог одлуката за распишување на Референдум за стратегијата за бегалци, која Локалната власт на ДПМНЕ и Бакрачески сакаа да ја наметнат токму на денот на Локалните избори.
Правото на граѓаните за организирање на референдум е неприкосновено, меѓутоа истото треба да се користи за прашања кои се клучни за граѓаните, а не за спас на Никола Груевски. Всушност ова е идентична стратегија како онаа која во 2009та ја гласаше владата на Груевски, меѓутоа тогаш ДПМНЕ беше на власт и немаше потреба да го заплашува населението со вакви измислени теми. Дури и да се одржат локалните референдуми, СДСМ ќе ги повика граѓаните да гласаат против наводните станови за нивно сместување, бидејќи тие се измислица на ДПМНЕ и такво нешто нема да се случи.“ – изјави Стојаноски и уште додаде:
„Ве уверуваме дека ќе помине и оваа лага. Граѓаните знаат, граѓаните препознаваат кој ја говори вистината. Токму граѓаните се тие кои изгласаа победа на вистината над режимот на ДПМНЕ, и токму граѓаните се тие кои на 15ти октомври ќе гласаат за живот во Охрид, за живот во секоја општина на Република Македонија.“– додаде Стојаноски.
WebOhrid