Охрид заслужува да биде во најпосетените туристички дестинации во светот. Му го должиме тоа на градот во чија лулка се распослани некои од најзначајните културни, историски и природни богатства. Наша мисија е од Охрид да создадеме препознатлива и атрактивна дестинација, која ќе биде бренд во туризмот. За да го направиме тоа, ќе воведеме некои клучни стратешки промени кои ќе го одбележат туристичкиот развој на Охрид. Ова на денешената прес-конференција го истакна кандидатот за градоначалник на Охрид од редовите на СДСМ, Јован Стојаноски.
„Во туристичката понуда ги додаваме здравствениот, спортскиот, wellness и incentive туризмот. Нашата цел е со воведувањето на новите стратешки насоки да го позиционираме Охрид како една од најпосакуваните дестинации на туристичкиот пазар. За таа цел го прошируваме и целниот пазар. Туризмот не значи само привлекување на гости. Со неговиот развој помагаме и на локалната економија. Работата со здравствениот туризам отвора нови работни места за доктори, медицински сестри, физиотерапевти и други здравствени работници, луѓе кои досега излезот го бараа во странство. Никој не може да успее сам.“– истакна Стојаноски.
Затоа како што рече предвидено е формирање на кластери, заеднички настапи на саеми, онлајн резервации и програми за одредени здравствено-алтернативни методи.
„Работиме и на incentive или конгресниот туризам. Од Охрид создаваме туристичка дестинација посакувана за одржување на работни собири, конференции, семинари. Охрид е традиционално туристички град кој поседува несомнена природна убавина, поволна клима, сигурност, долга традиција. Со сите овие поволности и со овој план, ја зголемуваме атрактивоста на градот како туристичка дестинација, го зголемуваме бројот на туристички ноќевања, економскиот развој, придонесуваме за нови вработувања, подигнување на стандардот на локалните жители, и зголемување на траењето на туристичката сезона. Од Охрид создаваме туристичка дестинација за сите.“- додаде Стојаноски.
WebOhrid