Kандидатката за советничка од СДСМ, Живка Ангелоска, денес одржа прес-конференција, на која истакна дека граѓаните имаат право да добиват навремени, евтини и квалитетни услуги. Додаде дека Локалната самоуправа е сервис на граѓаните и таа треба да биде достапна до секој граѓанин, во секое место и во секое време. Затоа како што кажа таа, ќе ја отворат Локалната самоуправа за да може секој граѓанин да ја добие потребната услуга, но на едно место.
„Тоа го овозможуваме преку отворање на канцеларии на локалната самоуправа во секоја урбана и месна заедница. Напоредно со ова, го зајакнуваме нивниот правен статус. Дополнително, секој урбана и месна заедница ќе добијат на располагање сопствен буџет од максимум 1 милион денари. Со овие средства се подобрува инфраструктурата во секое место. Напоредно со развојот на технологијата и желбите на граѓаните од поквалитетни, побрзи и поефикасни услуги, се наметнува потребата од унапредување на ефикасноста во давањето на услугите од страна на градоначалникот и општинската администрација кон граѓаните и правните субјекти на територијата на општина Охрид. Општината треба да е иницијативна и динамична, со цел да го подобри животот на граѓаните во градот и секое населено место. Новата општинска власт треба да е услужна и подеднакво посветена на сите граѓани.“– истакна Ангелоска.
Како што кажа таа, обезбедуваат поддршка и помош за најзагрозените семејства и за лицата со посебни потреби.
„Ја унапредуваме физичката и техничка достапност во однос на улиците, сообраќајот, комуникациите и превозот за лицата со инвалидитет. Општинската зграда и сите општински јавни објекти ќе бидат достапни за лицата со попреченост и ќе се изготви план чија цел ќе биде достапност на сите објекти и простории на цело општинско подрачје за лицата со попреченост. Воведуваме нов модел на отворена и услужна локална самоуправа, општина за сите.“- додаде Ангелоска.
WebOhrid