Пецаков: Подобрување на условите за спортување, натпреварување и рекреирање

Носителот на листата за советници од ВМРО-ДПМНЕ Охрид, д-р Кирил Пецаков денес одржа прес-конференција, на која го најави новиот проект „Трибина и соблекувални на Билјанини извори“. Како што кажа тој, со реализација на проектите од областа на спортот и спортската инфраструктура, ќе се придонесе за подобрување на условите за спортување, натпреварување и рекреирање на сите граѓани. 

„Постојната трибина на фудбалскиот стадион со реконструкција ќе прерасне во современа трибина. Во рамките на трибината ќе има четири соблекувални, просторија за Атлетски клуб Охрид, и просторија на Општински фудбалски сојуз Охрид. Секогаш младите, младите, младите. Младите се движечка сила и промотор на новите вредности на општетството и градот. Младите се иднината на градот Охрид.  Кога станува збор за младите, и понатаму ќе продолжиме да вложуваме значителни ресурси и посветено да работиме врз развивањето и насочувањето на потенцијалот што го имаат младите генерации и кон обезбедување подобри услови за живот и за поддршка на проекти што ќе ги опфатат нивните потреби.“– изјави Пецаков.

Во духот на спортската афирмација на градот, како што кажа Пецаков, ќе се одржува втора година по ред Фудбалски камп „Барселона“.

„Летен камп за деца од 6 до 16 години под спортска палка на врвни фудбалски тренери од Фудбалската школа на ФК Барселона. Веќе четврта година со ред покрај Спортската академија во Скопје, Охрид ги има спортските паралелки по фудбал, ракомет и кошарка. Ќе продолжи со работа дисперзираната паралелка по фудбал во рамките на ОУТУ „Ванчо Питошески“, со цел учениците во средното образование, преку посебно обликуван образовен процес со акцент на практичниот дел-тренингот да се оспособат да постигнат врвни спортски резултати и да се подготвуваат од рана возраст да бидат членови на националните спортски селекции за фудбал, ракомет, кошарка и тенис.“- истакна Пецаков.

Тој додаде дека ќе се работи на создавање квалитетни спортски кадри и спортисти, кои ќе го промовираат спортот и Охрид, како спортски град.

WebOhrid