Булоски: Да создадеме услови за никој повеќе да не размислува да го напушта родното огниште

Кандидатот за советник од СДСМ и Коалицијата, Ристе Булоски, денес на градското пристаниште одржа прес конференција, на која потенцира дека младите се движечката сила, енергијата, истрајноста и желбата.

„Нашата цел е ние да останеме тука, а нашата мисија е да создадеме услови за никој повеќе да не размислува да го напушта родното огниште. Ниту една мајка да не пролее солзи по своето чедо од каде го испраќа на аеродромот. Младите имаат потреба од вработување, а ние ќе им ја дадеме нашата поддршка во тој процес.“– истакна Булоски.

Тој рече дека дополнитено даваат поддршка на развивањето на соработка помеѓу различни сектори, со цел стекнување пракса пред вработување, особено кај студентите.

„Воведуваме обврска за сите организации, институции или фирми кои добиле средства на општинските конкурски, да мораат да ангажираат млади на волонтерска или приправничка пракса. На тој начин, овозможуваме младите да го добијат значајното искуство пред да се изборат за своето прво вработување. Го подигнуваме нивото на транспарентност во однос на процесот на вработување, особено во јавниот сектор. Даваме поддршка на младинските проекти, изнаоѓаме начини за финансирање на истите. Воедно, на секој млад човек му помагаме во одредувањето на професионалната ориентација.“- рече Булоски.

Додаде дека се создаваат услови за културни дружби на младите, предвидуваат изградба на Младински културен центар, како што кажа место на кое младите ќе растат, учат, напредуваат и разменуваат идеи.

„Креираме канцеларија за млади, која ќе биде сервис на потребите на младите и ќе ги афирмира како значајна алка во општеството. Младите сакаат да спортуваат, затоа ги унапредуваме инфраструктурните услови за поминување на слободното време на младите и занимавање со спорт. Организираме и месец на спортот, ги отвора вратите на младите за бесплатно користење на просториите на спортските клубови додека трае месецот на спортот.“- додаде Булоски.

WebOhrid