Крадел мобилни во Охрид и ги продавал во Струга

Поради постоење основи на сомнение за сторени пет казнени дела „Кражба“ секторот за внатрешни работи Охрид, против лицето Е.М.(36) од Радовиш поднесе кривична пријава. Со пријавата, опфатено е и лицето К.З.(39) од Струга поради сторено едно казнено дело „Прикривање“.

Кражбите, пријавениот Е.М. ги извршил во текот на минатиот и почетокот на овој месец во една амбуланта како и во неколку други објекти во Охрид, бесправно одземајќи мобилни телефони, пари и други  вредни предмети. Со тоа, стекнал противправна имотна корист од близу 100.000,оо денари.

На 25-ти минатиот месец, во времето од 11 до 11:30 часот, Е.М. се упатил кон општата болница во Охрид. Влегувајќи во  амбулантата за внатрешни болести, тој искористил згодна прилика и од јакна оставена во една од просториите, одзел мобилен телефон „Ајфон“. Неколку дена пред тоа, пријавениот одзел три мобилни телефони од угостителскиот објект „Боними“. Таму, тој забележал торба оставена на стол од која, искористувајќи го невниманието на сопственикот, одзел еден „Ајфон“ и два мобилни телефони марка „Нокија“. На празникот Водици, пријавениот Е.М. незабележливо од џеб на повозрасен охриѓанец одзел паричник со 9.5оо денари, вредносни и банкарски картички како и други документи. Исто толку пари, но и златно ланче, Е.М. успеал да одземе оттргнувајќи и ја ташната  на повозрасна охриѓанка. 

На први овој месец, Е.М. извршил кражба на систем за ладење од фрижидер-витрина во продавница на улицата „Пере Тошев“ во Охрид. Тој со употреба на физичка сила ги откорнал бакарните цевки и електричниот кабел по што го одзел системот чија вредност била околу 20 000,оо денари.

Второ пријавениот К.З. како сопственик на продавница за мобилни телефони во Струга, иако знаел дека телефоните и другите предмети потекнуваат од кражби, сепак ги откупувал за понатамошна продажба. Тој, повремено на Е.М. му вршел замена за други предмети.

Инаку, пријавениот Е.М. е лице по кого била рапишана потерница од СВР Струмица како и затворот во Струмица. Откако, СВР Охрид го пронајде и приведе, истиот е спроведен до казнено поправната установа во Струмица.