СДСМ: Премиерот свесно инвестира во драматично продлабочување на политичката криза

Во врска со реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ, за прес-конференцијата на Црвенковски, СДСМ излезе со соопштение.

„Изразуваме жалење што со денешната реакција, партијата на Никола Груевски уште еднаш покажа дека нема елементарно чувство, разбирање и грижа за националните интереси на Република Македонија. 

Приземните, вулгарни формулации и дрски дисквалификации со кои се служи ВМРО-ДПМНЕ во реакцијата, се на истата линија и уличарски пристап кој премиерот го користеше сите изминати денови за сериозната политичка криза во која се наоѓа земјата. Ако некој промовира политички мачоизам, тоа е само Никола Груевски, кој тоа го прави свесно и плански загрозувајќи ја иднината на државата. 

Денес, претседателот Црвенковски упати пораки на сериозна загриженост за актуелните состојби, која ја споделуваат сите наши граѓани. Во денешната прес конференција на СДСМ, немаше ниту една навреда, а уште помалку „маалски изрази“. 

Тоа е најдобар доказ како размислува една државотворна партија каква што е СДСМ, за разлика од Груевски и ВМРО-ДПМНЕ кои се коцкаат со државните интереси ! 

Сојузот за иднината нема намера да тера инает и токму затоа предложи разумен план за излез од кризата. 

Благодариме за понудата, но сакаме да Ве потсетиме дека нашиот последен конструктивен предлог е ако на локалните избори, советничките листи на здружената опозиција  „Сојуз за иднината“ освои барем еден глас повеќе од листите на коалицијата околу ВМРО-ДПМНЕ, тогаш да има предвремени парламентарни избори кои ќе се одржат на 29-ти септември. 

Тоа е предлог кој е повеќе од фер! 

Бидејќи Никола Груевски постојано тврди дека е сигурен победник на престојните локални избори, никој не може да најде логично оправдување зошто тој упорно избегнува да се соочи со волјата на граѓаните, а со тоа премиерот свесно инвестира во драматично продлабочување на политичката криза со крајно штетни последици за земјата, кои неминовно ќе одат исклучиво на негов товар“. – стои во соопштението на СДСМ.