ВМРО-ДПМНЕ: Црвенковски докажа дека лесно носи одлуки на штета на Македонија

По денешната прес-конференција на лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски, со соопштение излезе ВМРО-ДПМНЕ.

„ВМРО-ДПМНЕ изразува сериозна загриженост за постапките кои СДСМ ги влече во последниот период. Одбивањето на нашиот коректен предлог за продолжување на рокот за поднесување на советничките и градоначалничките листи, заедно со одбивањето на пакетот мерки, објавени од страна на Претседателот Никола Груевски на ден 12.02.2013 година за нас претставува јасен сигнал дека СДСМ и Бранко Црвенковски се решени да продолжат со своите деструктивни политики, со предизвикување на хаос и проблеми за Република Македонија.

Разочарани сме од фактот што СДСМ најавува дека нема да учествува на претстојните локални избори. За нас тоа ќе беше најдобар начин како партиите да ги соочат своите концепти. Од една страна ВМРО-ДПМНЕ, со програми, со конкретни проекти, со мерки и со реализирани дела, а од друга страна СДСМ со нивните инциденти, интриги, манипулации и желба да направат хаос. На тој начин граѓаните ќе имаа можност да изберат помеѓу овие два сосема спротивни концепти.

Со денешните постапки Бранко Црвенковски само докажа дека нема капацитет да се носи со одговорностите и дека лесно носи одлуки на штета на Република Македонија, а единствено со цел да си ја спаси својата политичка кариера. Тоа е срамно и неприфатливо. Црвенковски ќе биде тој кој врз себе ќе ги носи последиците на своите катастрофални одлуки.

ВМРО-ДПМНЕ нема намера да му дава алиби на Црвенковски пред неговото членство, кое се повеќе не му верува, пред граѓаните, кои видоа дека е главен иницијатор на сите деструктивни сценарија и пред меѓународната заедница, на која лесно и ги отфрли и одби сите апели за враќање на СДСМ во институциите и политичките процеси“. – стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.