Црвенковски: Избори на 28 април, а дотогаш да се измени Изборниот закон

Лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски, денеска излезе со посебен предлог до власта за решавање на политичката криза пред истекот на рокот за поднесување кандидатури за локалните избори закажани за 24 март.

“Многу е едноставен и има само две точки: 1. Со цел да се овозможи учество на опозицијата и измени на изборниот законик согласно со препораките на ОБСЕ/ОДИХР, локалните избори се одлагаат за месец дена и ќе се одржат на 28.април. 2. Ако на тие локални избори советничките листи, здружената опозиција „Сојуз на иднината“ освои барем еден глас повеќе од листите на коалицијата околу ВМРО–ДПМНЕ, ќе има предвремени парламентарни избори кои ќе се одржат на 29 септември“, рече Црвенковски.

Црвенковски рече дека доколку власта го прифати овој предлог, пратениците на опозицијата ќе се вратат во Собранието за да се спроведе одложувањето на локалните избори, а доколку биде одбиен ќе го спроведат најавениот бојкот на локалните избори и пратениците од опозицијата ќе ги вратат пратеничките мандати.