Во Македонија афлатоксин само во млекото „Моја кравица“, но не е пуштено во промет

Агенцијата за храна и ветеринарство на Република Македонија во текот на вчерашниот ден доби официјално известување од Управата за ветеринарство на Република Србија за повлекување од продавниците во Србија на повеќе видови на млеко од различни производители, кај кои е утврдено зголемено присуство на афлатоксин М1 над дозволените граници.  

По добивањето на известувањето, инспекторите од Агенцијата за храна и ветеринарство веднаш започнаа со контролите на терен (на продажните места и во магацините на увозниците), при што е утврдено дека од сите наведени видови на млеко, во Република Македонија е увезена одредена количина единствено од производот “MOJA KRAVICA 2,8%MM“, со рок на траење до 14.07.2013.4EN 10, од производителот IMLEK Белград. 

Целокупната увезена количина се наоѓа во магацините на увозникот, што значи дека спорниот производ не е пуштен во промет. Инспекторите од Агенцијата зедоа мостри од наведениот производ со цел потврдување на резултатот, и со истиот ќе се постапува во зависност од лабораторискиот извештај.

Во исто време, како резултат на донесеното Решение за задолжително лабораториско испитување на млекото и млечните производи кои се увезуваат во Република Македонија, Агенцијата за храна и ветеринарство на Република Македонија утврди зголемено присуство на афлатоксинот М1 во уште еден производ по потекло од Република Хрватска.

Станува збор за производот “Млеко Дукат УХТ 2,8%ММ +7 витамини 1Л“, со рок на траење до 19.04.2013 година. Целата количина од овој производ (околу 2.000 литри), се наоѓа во магацинот на увозникот, односно воопшто не е пуштен во промет и истиот согласно законската процедура ќе биде уништен. Останатите производи од наведената пратка (вкупно 35) се исправни и истите ќе бидат пуштени слободно во промет.

Агенцијата за храна и ветеринарство на Република Македонија продолжува будно да ги следи случувањата во делот на млекото и да презема соодветни мерки и активности за заштита на потрошувачите.