Петрески: Да не дојде повторно да редиме вреќи со песок, да прајме смешки пред јавноста

На денешната прес-конференција на Сојузот за иднината, актуелниот градоначалник се осврна на проблемот кој го прави високото ниво на водата во Охридското Езеро, кое веќе почна да прави проблеми, односно сруши дел од Мостот на желбите.

„Сакам една порака да упатам до Владата на Република Македонија и до соодветните министерства во однос на високото ниво на Езерото кое е далеку над максималната кота, со врнежите, а исто така со очекуваното топење на снегот во наредниот период што ќе биде, значи уште повеќе ќе се зголемува. Сега веќе е неколку сантиметри над минималната кота и веќе почна да предизвикува големи штети“. – истакна Петрески.

Поради зголеменото ниво на водата во езерото, изминатата ноќ ветрот сруши дел од Мостот на желбите кон Потпеш. Петрески ги повика соодветните министерства на Владата на Република Македонија и ЕЛЕМ да преземат што побрзо испуштање на водата, кон Црн Дрим, за да не дојде до поголеми штети. 

„Во однос на дел на мостот кој е срушен, ние уште денес преземаме активности, припреми за почеток на санација и за брзо време ќе го санираме мостот, затоа што мостот покрај тоа што се користи за атракција, се користи и за туристи преку лето, меѓутоа се повеќе и повеќе, веќе сите граѓани го користат према Канео и од Канео према Света Софија и центарот на Охрид. Најсериозно упатувам апел да се здружиме заеднички, да преземеме активности за да не дојде повторно да редиме вреќи со песок, да прајме смешки пред нашата јавност и меѓународната јавност“. – додаде Петрески.

WebOhrid