Сојуз за иднината: Место да зборувате за нас и за нашата програма, фатете се за работа и бидете одговорни кон она што е во ваша надлежност

По денешната прес-конференција на кандидатот за советник Дејан Пановски од редовите на ВМРО-ДПМНЕ со реакција излезе Сојузот за иднината во која се вели: 

„Програмата која ја нарекувате извор на желби, несериозност и комичност е програма произлезена од граѓаните и е наменета за сите нив без оглед на политичката определба. За разлика од вашата која е бронзена, кичеста, пренапумпана и пишувана за 2050 година. Доколку сакавме да бидеме како вас, верувајте дека можевме да направиме многу пообемна, преполна со лажни ветувања и со неостварливи проекти. Но, ние се решивме да имаме реална програма која во себе содржи не само нови туку и континуитет на започнатите проекти. И Зоки Поки е мало по обем дело, но испраќа сериозна порака и ја прочитаа многу генерации.

Да бевме на ваше место, никогаш не би го употребиле зборот инаетење, затоа што вие сте тие кои од инает ги блокираат сите проекти. Вие сте киднапери на иднината на граѓаните, држејќи ги во заложништво цели седум години и тоа не само оние кои се против вашата политика, туку и оние кој ви ја дале поддршката. Покрај другото, продолжувате со дезонтерираноста, и покрај подарокот од наша страна. За последно ви соопштуваме дека за автобуска станица, градски пазар, и за многу други проекти треба да се обратите кај вашите надлежни министерства.

Кога сме пак кај вицовите, се надевам дека не заборавивте дека вашиот премиер на првиот митинг во Охрид се однесуваше како стенд ап комичар. Затоа немате право да зборувате за вицеви, а кога сме веќе кај нив граѓаните оддамна повеќе ги прифаќаат шегите на Петрески, отколку оние од Премиерот и од Амди Бајрам.

За ваша информација, на вчерашната одлична промоција беше кажано дека позади оваа програма седи советничката листа од Сојуз за иднината, во која има сериозни интелектуалци и професионалци од сите сфери. Ваквиот тим, како и ваквата одлична промоција ви зададоа сериозен удар, па оттаму ја разбираме вашата конфузност и гнев.

За крај, место да зборувате за нас и за нашата програма, фатете се за работа и бидете одговорни кон она што е во ваша надлежност. Отидете кај Мостот на желбите, или пак во Центарот за кардиологија во Охрид и поправете го апаратот за стентови, затоа што животот на граѓаните е поважен од дневната политика“. – стои во реакцијата од Сојузот за иднината испратена до медиумите.

WebOhrid