Министерот за странски инвестиции, Бил Павлески, учествуваше на 16-тиот Евроазиски економски самит

Министерот за странски инвестиции, г-дин Бил Павлески учествуваше на 16-тиот Евроазиски економски самит, кој од 9 до 11 април 2013 година се одржува во Истанбул, Турција.

На Самитот министерот Павлески како главен излагач на економскиот панел се обрати пред повеќе од 500 компании.  Во своето излагање тој истакна дека Македонија како мала земја со растечка економија, која се наоѓа на крстосницата во Југоисточна Европа, претставува идеален производствен и дистрибутивен центар до европските пазари. Ова пред се произлегува од конкурентните производствени трошоци и атрактивноста на даночниот систем кои ги нуди нашата земја, како и потпишаните договори за слободна трговија кои на интернационалните компании им овозможуваат влез на пазар од повеќе од 650 милиони луѓе.

Исто така, во своето излагање министерот Павлески ги потенцираше локациските, транспортните и логистичките предности кои што македонската економија им ги нуди на потенцијалните инвеститори.

Евроазискиот економски самит се одржува традиционално секоја година и е во организација на Фондацијата Мармара. Самитот претставува одлична можност да се разговара на актуелни теми од областа на економијата, енергетиката, информатичката технологија, образованието и здравствената заштита, како и да се откријат нови можности за соработка на земјите во регионот, но и да се сретнат нови потенцијални инвеститори.

На маргините на настанот, министерот Павлески оствари средба со повеќе турски компании со кои се водат преговори за влез на македонскиот пазар, како и со компаниите кои веќе донесоа одлука да инвестираат  во нашата земја.

Министерот Павлески ја посети и индустриската зона Кочаели во која се лоцирани околу 4000 компании, од кои 250 се познати светски брендови. Тој реализираше средба со повеќе компании и притоа беше договорено да ја посетат Македонија во наредниот период и да се запознаат со условите што ги нудиме.

Со цел проширување и зајакнување на воспоставената соработка, во блиска иднина министерот договори да се организира бизнис форум во индустриската зона Кочаели.