Центарот за сузбивање на организиран и сериозен криминал – Одделот за недозволена трговија со дрога во содејство со Царинската Управа на Р. Македонија реализираше случај на недозволена трговија со наркотична дрога – хероин, наменет за домашниот нарко пазар при што запленети се околу 500 грама хероин, со што е пресечен меѓународен канал за недозволена трговија со хероин на релација од Р.Турција до Р.Македонија.
Денес (15.04.2013) по претходно добиено сознание за можен транспорт на хероин во раните утрински часови околу 03:30 часот на граничен премин „Богородица“, на влез од Р. Македонија од страна на полициски службеници од ОНТД и службеници од Царинската Управа на Р.М, извршен е преглед и контрола на патници во автобус со македонски рег. ознаки кој сообраќал на редовна автобуска линија од Истанбул до Скопје.
Од страна на Царинската Управа на Р.Македонија употребено е службено куче за откривање на наркотични дроги при што кај лицето Ќ.А. (22) од Скопје, детектирано е присуство на наркотична дрога, по што кај истиот е извршен претрес и на задниот дел од телото сокриен во долниот веш пронајдено е едно пакувања со правоаголна форма облепени со селотејп трака исполнети со прашкаста материја со кафена боја.
По направено тестирање на лице место, потврдено е дека се работи за наркотична дрога хероин истата е предадена на вештачење во Одделот за криминалистичка техника на Министерството за внатрешни работи. Запленетиот хероинот е со висок квалитет при продажба на мало на домашниот нарко пазарот би достигнал цена од 50.000 евра, Ќ.А. требало да ја транспортира за паричен надомест од 1.000 евра.
Од страна на ЦСОСК – ОНТД до ОЈО Велес по целосно документирање и расчистување на случајот ќе биде поднесена кривична пријава против Ќ.А. поради постоење на основано сомнение дека сторил кривично дело “Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори”, казниво по чл.215 став 1 од КЗ на РМ. Лицето заедно со кривичната прија во текот на денот ќе биде изнесено пред истражен судија во ОЈО Велес. ОНТД презема дополнителни мерки и активности заради целосно расчистување на случајот, утврдување и кривично правно санкционирање и на други инволвирани лица.