Денеска (23.04.2013) од страна на Комисија за полагање на возачки испит од Сообраќајниот испитен центар „Топ Драјвер“ во Куманово е пријавено злоупотреба при полагање на возачки испит, односно дека за време на полагањето на возачкиот испит е фатено лице кое што на себе имало инсталирана опрема за пренос на слика и тон. Од страна на полициските службеници на СВР Куманово веднаш е излезено на лице место, каде што е затекнато и приведено лицето Д.М.(53) од Куманово, кој што на кошулата на градите имал инсталирано камера поврзана со предавател, слушалки и мобилен телефон.
Од обавените разговори е дознаено дека Д.М. до сега два пати го полагал теоретскиот дел од возачкиот испит и не положил, по што од страна на инструктор дознал дека во одредена автошкола во Куманово, има лице кое што ќе му помогне да го помине и положи целокупниот возачки испит. Откако отишол во посочената автошкола се договориле дека ќе му помагнат, но пред испитот треба да дојде кај нив, а како надомест за услугата треба да плати 500 евра.
Така, денес пред полагање на тестот Д.М. отишол во автошколата каде што му ги инсталирале горенаведените уреди за далечинска видео и звучна комуникација по што му дале инструкции дека треба само да слуша што му зборуваат од преносниот уред и тие одговори да ги внесува во компјутерот.
СВР Куманово работи на целосно расчистување и документирање на настанот, а воедно полицијата располага и со оперативни податоци дека и во другите градови во Р.Македонија постојат вакви случаи, а цената на услугата достигнува дури и до 1.000 евра во зависност од категоријата на возачкиот испит.